Отец Пимен му одржа лекција на Павлов: ПЕЈЧИНОВИЌ МУ ПРИПАЃА НА НЕБЕСКИОТ, А НЕ НА БУГАРСКИОТ НАРОД !

Кога се канонизира некој човек за светител на Црквата Божја, тој се прогласува за жител на Небесата, а не на некоја земја земна. И тоа го знае секој човек кој барем грам вера има повеќе отколку национално слепило – напиша митрополитот европски Пимен.

Бугарскиот професор по историја, кој вели дека канонизирањето на Кирил Пејќиновиќ е „крадење на историјата“, со тоа само покажува колку е далеку од верата, а блиску до национализмот, оценува митрополитот европски на МПЦ-ОА, господин Пимен.

Тој ги коментираше изјавите на професорот Пламен Павлов од факултетот за историја на Универзитетот во Велико Трново „Св. Свети Кирил и Методиј“, кој канонизирањето на Кирил Пејчиновиќ го нарече „богохулење“, „кражба на историјата“ и кршење на договорот за добрососедство.

Во интервју за БГНЕС Павлов изјави дека овој чин е дел од „антибугарската реторика во Република Северна Македонија“, а за Пејчиновиќ тврди дека имал „бугарска самосвест“.

Владиката Пимен ова го коментираше на својот профил на Фејсбук.

„Кога се канонизира некој човек за светител на Црквата Божја, тој се прогласува за жител на Небесата, а не на некоја земја земна. И тоа го знае секој човек кој барем грам вера има повеќе отколку национално слепило. А сепак ете за жал, некој професор од Бугарија реагира на тоа дека канонизација било крадење историја и со тоа покажува дека е далеку од верата, а блиску до национализмот. И дека за него нема ништо свето, во случајов дури ни Лешочкиот светител.

А свети Кирил Лешочки е нашиот нов светија и на целата Црква православна. Затоа, поклонувајќи се пред неговите свети мошти, да повикаме: Свети Кириле Лешочки, прости ни што радоста на Небесата ти ја расипуваме со нашите земни и тесногради размислувања и препукувања. И моли се за сите нас, па какви и да сме, та да бидеме подобри! – напиша владиката Пимен.