Connect with us

Скопје

Советот на Град Скопје ја изгласа одлуката за давање субвенции на ЈСП-Од утре ќе има автобуси

Советот на Град Скопје на денешната вонредна седница едногласно ја изгласа одлуката за давање субвенции на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје со којашто практично се овозможува исплаќање на платите на вработените во претпријатието .

Советот на Град Скопје на денешната вонредна седница едногласно ја изгласа одлуката за давање субвенции на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје со којашто практично се овозможува исплаќање на платите на вработените во претпријатието и се прекинува протестот на возачите поради кој денеска не функционираше јавниот сообраќај во градот. Градоначалничката Арсовска побара да се подмират долговите на сите институции што должат на претпријатието.

– Советниците ја изгласаа одлуката со полно мнозинство. Она кое што ме радува е дека конечно гледаме консензус по едно прашање. Тоа е дека она што во изминатите 30 години се случувало во едно од јавните претпријатија и кое се руинирало, практично сега имаме консензус дека треба конечно да се помогне, рече во изјава за медиумите градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Таа додаде дека со одлуката на денешната седница на градскиот Совет ќе се обезбедат средства кои ќе бидат замена за оние планирани средства што кон ЈСП Скопје ги немаат подмирено должат Владата, односно МОН и општините

– Со тоа ќе се обезбеди тие практично до крајот на годината да немаат вакви проблеми каков што е овој што се случи со доцнењето на платата месецов од пет дена, изјави Арсовска.

Градоначалничката исто така рече дека ќе се бара соодветна одговорност, како што кажа, на тешката финансиска состојба во која е доведено ова јавно претпријатие и мултимилионските долгови кои ги има генерирано. Според неа, тоа се долгови што се провлекуваат повеќе од деценија.

– Ние како Град Скопје бараме одговорност и од управните одбори кои верувам дека треба малку поагилно да ја вршат својата работа, да не ги блокираат работите на овие јавни претпријатија, затоа што сепак од граѓаните тие ги земаат своите паушали, рече Арсовска.

Во однос на прашањето кога ќе се исплатат платите на вработените во ЈСП, Арсовска посочи дека Град Скопје ја завршува својата процедура и дека средствата ќе бидат пуштени, како што кажа, или денеска или утре, во зависност од Министерството за финансии.

Таа информираше дека ова се средства кои се неопходни за да се обезбедат плати за вработените до крајот на оваа година.

– Меѓутоа, одговорноста треба да ја побарате кај сите оние кои во оваа држава не си ги плаќаат сметките, односно не го плаќаат она кое што треба да го исплатат кон ЈСП за да тоа може да функционира како што треба. И за долговите и сето она што е правено во овие изминати години наназад, за девастирањето на претпријатието, треба да си побараме одговорност и треба да се побара оној кој си должи да си ги исплати сите оние долгови кои ги има кон ЈСП, додаде Арсовска.

Таа исто така нагласи дека досега имало случаи кога се доцнело не само по пет дена, туку и по многу повеќе денови па никогаш не бил прекинат јавниот превоз за скопјани.

– Она кое што сакам да го кажам е дека ова кое што го гледаме денес е нешто кое што е срамно. Меѓутоа, вината треба да се бара онаму каде што таа треба да си се лоцира и точно треба да знаат граѓаните кој е одговорен. Штом не одговарате на оваа коалиција од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ во истиот момент веднаш следуваат блокади и следува ова кое што го гледате. Таму долговите постојат повеќе од 10 години, секој еден директор којшто работел и којшто раководел бил поддржуван, биле давани од страна на владата и по 360 милиони денари дотации за да може да се сервисираат долговите, сега првпат се укинуваат прво на 120 милиони па на нула за оваа година, истакна Арсовска.

Во однос на најавеното поднесување кривична пријава против лицата кои го попречуваат редовното функционирање на ЈСП, Арсовска одговори дека тоа што е најавено доследно ќе се почитува.

– Ќе се преземат постапки затоа што заштитата на јавниот интерес е пред се и никој поединец нема право да го наруши јавниот интерес за она кое што го видовме дека се случуваше денеска. Верувам дека она што треба да го направиме сите заедно како општество е да преземеме мерки и да сфатат овие политичари денеска дека јавниот интерес, интересот на граѓаните е пред се, дека треба да престанат да се препукуваат едни меѓу други и да наоѓаат решенија, а не да креираат проблеми, рече градоначалничката Арсовска и побара одговорност од Управниот одбор којшто, како што нагласи, секој месец за едно појавување зема по стотици евра за нивната седница.

Претседателот на Синдикатот за сообраќај и врски при ЈСП, Миќо Стојановски, рече дека со самото излегување од кабинетот на градоначалничката откако е постигнат договорот пред одржување на седницата на Советот, вработените во двете автобази биле известени за одлуката и веќе сите автобуси на ЈСП се пуштени на улиците на Скопје.

– Утре на трансакциските сметки на вработените ќе биде исплатена септемвриската плата и ме радува тоа што се обезбедени средства од буџетот на Град Скопје за наредните три плати што значи дека ќе нема потреба повеќе да чекаме 15-ти за да тие средства бидат доделени на вработените, а уште повеќе ме радува тоа што во ребалансот за буџетот за 2023 година јавниот градски превоз и ЈСП ќе бидат побогати за 360 милиони денари затоа што тоа се пари кои во минатиот период да не речам дека беа скриени, туку беа фантомски, информираше Стојановски.

Скопје

ЦУК предупредува: „Ексклузивните“ објекти на Водно се под ризик од свлечишта

Скопје, 9 декември 2025 – Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, алармира дека на падините на Водно се наоѓаат објекти кои се директно загрозени од свлечишта и нестабилно земјиште.

„Ризикот мора да се сфати сериозно – можно е да настрада човек ако не се реагира навреме“, рече Ангелов во гостување на ТВ Телма. Според него, делови од теренот веќе се нарушени, земјиштето продолжува да се лизга, а неколку потпорни ѕидови се урнати.

Ангелов посочи дека проблемот не е ограничен само на еден потег на падината и дека се неопходни брзи мерки, засилен мониторинг и процена на стабилноста на критичните зони. Институциите веќе работат на оваа проблематика, а во ЦУК се одржани неколку координативни средби на кои врвни професионалци активно се вклучени.

„Жителите на Водно често не ја сфаќаат целосната опасност бидејќи се навикнати на животот во тој предел. Но, видеа и искуства од целиот свет покажуваат дека свлечишта можат да предизвикаат сериозни штети и да загрозат човечки животи“, предупреди Ангелов.

Директорот на ДЗС нагласи дека медиумите имаат значајна улога во подигнувањето на јавната свест, особено кај луѓето кои живеат на Водно, за да се избегнат штетни последици пред да биде предоцна.

Зачестените извештаи за пукнатини на објекти и движење на земјиштето на Водно во последниот период дополнително ја зголемуваат загриженоста во јавноста.

Continue Reading

Скопје

Скопје ја зацврстува врската со Дижон: Партнерството во полн развој

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска одржа работна средба со амбасадорот на Франција, Н.Е. Кристоф Ле Риголер, на која беа поставени темелите на визијата за нашиот главен град.

Ѓорѓиевски пред високиот гостин ја презентираше својата развојна стратегија за Скопје, базирана на најстрогите европски стандарди, зелени политики и продлабочена меѓународна соработка.

Главен фокус беше ставен и на оживување и унапредување на партнерството со збратимениот град Дижон. Двете страни интензивно разговараа за конкретни можности за нови заеднички проекти и иницијативи кои директно ќе го подобрат животот на граѓаните.

Градоначалникот Ѓорѓиевски беше јасен и недвосмислен:

„Нашиот стремеж е Скопје целосно да ги интегрира европските стандарди во секој сегмент – од економскиот развој и културата до зелените политики! Ова е патот кон модерна европска метропола!“

Амбасадорот Ле Риголер, пак, ја изрази целосната подготвеност на Франција да не остави Скопје да чека!

„Подготвени сме да го споделиме нашето богато искуство и иновативни иницијативи кои ќе дадат огромен придонес за подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот во Скопје!“

На крајот, двете страни се согласија дека континуираната институционална комуникација е важна за отворање на нови, долгорочни партнерства и мега-проекти. Ѓорѓиевски е убеден дека оваа соработка е голем чекор кон оформување на Скопје како современ европски град, ориентиран кон иновации и меѓународна отвореност.

Continue Reading

Скопје

Неплатените даночни обврски во Скопје надминаа 36 милиони евра, локалната власт апелира до граѓаните за редовно плаќање

Град Скопје алармира дека вкупните неплатени обврски кон градот по основ на данок на имот, данок на промет, данок на наследство и подарок, како и комунална такса-фирмарина, за периодот од 2020 до 2025 година, надминале 36 милиони евра. Овие податоци се евидентирани од страна на Секторот за даноци на имот и комунални такси при Градот.

Од градската администрација потенцираат дека приходите од даноците на имот и комуналните такси претставуваат значаен извор на средства неопходни за непречено функционирање на Скопје. Со овие средства се финансираат: основните градски услуги, инфраструктурни проекти, трошоците на јавните претпријатија и јавните установи, работата на средните училишта.

Град Скопје упатува јавен повик до сите даночни и таксени обврзници – правни и физички лица – кои сѐ уште не ги подмириле своите обврски за данок на имот, промет, наследство и подарок, како и комунална такса-фирмарина, тоа да го сторат во најкраток можен рок.

Граѓаните и компаниите имаат можност електронски да ги проверат и платат своите долгови преку официјалната платформа: https://danoci.skopje.gov.mk/gskopje/root/public/login.xhtml

За сите прашања и информации, Градот ги објави следниве контакт податоци, организирани по категории:

Данок на имот: 072/204-434, 02/3207-546, e-mail: anitan@skopje.gov.mk ; nuredin.nuredin@skopje.gov.mk

Данок на промет, наследство и подарок: 02/3297-298, 02/3297-296, e-mail: biljanna.manakoska@skopje.gov.mk

Комунална такса-фирмарина: 02/3297-314, e-mail: angelina.gievska@skopje.gov.mk

Даночно сметководство: 02/3297-298, 02/3297-296, e-mail: katerina.donev@skopje.gov.mk

Даночниот долг може да се подмири и на Даночните шалтери на Град Скопје, кои работат секој работен ден од 8 до 19 часот, како и во сабота на 13 декември.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг