Војската на Србија СОБОРИ НЕПОЗНАТ ДРОН

Српското воздухопловство соборило дрон над касарната во Рашка, објавија српските медиуми.

Претходно било забележано набљудување и извидување на касарната, па армијата по наредба на врховниот командант дејствувала и го соборила дронот.

Претседателот на Србија и врховен командант на вооружените сили, Александар Вучиќ, издаде официјална наредба веднаш да се уништат сите непријателски беспилотни летала на територијата на централна Србија.

На ваков чекор претседателот се одлучил по инцидентот што се случи во областа над Мердар и во околината на Рашка, кога непознати дронови ги набљудуваа касарните и позициите на војската на Србија.

За да се спречат понатамошни непријателски активности, српските „мигови 29“ беа подигнати во акцијата на набљудување и евентуален напад на непријателските авиони. Недолго потоа, забележаните објекти го напуштиле воздушниот простор на централна Србија, а доколку не го стореле тоа ќе биле уништени бидејќи врховниот командант издал наредба за итно дејствување со противвоздушно оружје.

Министерот за одбрана, Милош Вучевиќ се обрати пред граѓаните по акцијата во која српската војска елиминирала комерцијален дрон кој го снимал теренот.

Српската војска околу 17.20 часот го неутрализирала дронот кој се движел од правец на Копаоник кон Рашка.

„Искористивме најмодерна технологија за да го елиминираме дронот. Војската на Србија го заштити небото. Им честитам на војниците за брзата реакција. Не може да нè удира кој стигна, армијата е подготвена да ги изврши наредбите на врховниот командант“, вели Вучевиќ.