СЛАВЕСКИ ја спореди АРСОВСКА со пејачка: Имаше прикачено мобилен микрофон КАКО ЦЕЦА НА КОНЦЕРТИТЕ

Не е пријатно кога не се ефикасни институциите. Ми беше задоволство Советот да функционира како часовник. Единствен проблем што морав да го менаџирам беше што постојано градоначалничката Арсовска постојано ја навредуваше и се караше со координаторката на советничката група на СДСМ. Сега малку се сврти работата, јас сум на мета, рече претседателот на Советот на град скопје, Трајко Славески за ситуацијата во градското собрание.

Според него, „се започна од одлуката на Арсовска да се лиши од мнозинството во градот Скопје“.

-Арсовска не може да испорача она што го има добиено како налог од налогодавателите. Не е лесно да се биде градоначалник без поддршка во Советот, рече Славески во емисијата „Студио 10“ на Телевизија 24.

Тој вели дека не употребил никаква квалификација кон градоначалничката, ниту погрден збор.

-Јас што излегов пред неа беше единствен начин да се замолчи, затоа што таа имаше прикачено мобилен микрофон како Цеца Величковиќ на концертите. Во неколку наврати некои советници изразиле незадоволство во тоа каде седи градоначалникот. Сега таа седи на задната клупа каде нема микрофон или слушалки. Немам такво сознание дека разбира албански. Таа неколку пати кажа за мене Таљат. Очекувам ова да се реши со интервенција на инспекторатот на локална самоуправа. Во просториите на Советот на град Скопје не може да се помести ништо без знаење на претседателот на Совет, додаде Славески.