Во сред криза – МО се пофали дека ја платиле првата рата за системот за противвоздушна одбрана од 66 МИЛИОНИ ЕВРА

Министерството за одбрана ја плати првата рата од договорот со француското МО за набавка на системот за противвоздушна одбрана на мали височини „Мистрал“. Првата рата во висина од 695 милиони денари, или околу 11,5 милиони евра, е исплатена на 3 ноември. 

„Ви потврдуваме дека износот за кој прашувате се однесува на првата рата од набавката на Систем за противвоздушна одбрана, а останатите рати ќе се исплаќаат во текот на 2023, 2024 и 2025 година“, потврди Министерството за одбрана за „Фактор“.

Од претходно е познато дека вкупните финансиски импликации од овој договор се 66 милиони евра. Министерката за одбрана Славјанка Петровска реферираше дека не постои конкретна закана за напад врз нашата држава, меѓутоа инвестициите во одбраната се дел од стратегискиот одбранбен преглед и дел од сите долгорочни планирања.

Системот за противвоздушна одбрана на мали височини треба да ја унапреди борбената готовност на Армијата, а истиот е предвиден согласно Планот за опремување и модернизација на Армијата.

„Како НАТО членка, безбедноста на нашето небо ја гарантираат сојузничките воздухопловни сили, а набавката на системот за противвоздушна одбрана е комплементарна во целокупниот одбранбен систем на државата“, гласеше претходното објаснување од министерството за потребата за купување на оваа воена опрема.

Од Министерството тогаш посочија дека во изминатите две децении не е извршена набавка на систем за противвоздушна одбрана кој е потребен пред сè за поддршка и заштита на припадниците на Армијата, заштита на институциите, и зголемување на безбедноста и сигурноста на граѓаните.

Петровска, посочи дека замената на противвоздушниот систем кој го имаме е една од обврските и тоа е проект којшто е започнат пред неколку години.

„Станува збор за финализирање на договорот, за кој веќе неколку години се следи постапката на преговарање со различни производители, испитување на понудената опрема од стручен тим од Армијата и она што во петокот беше презентирано пред собраниската Комисија за одбрана и безбедност, практично е финалниот документ“, појасни тогаш Петровска.