Утре во Скопје се отвараат новите простории на Бугарскиот културен – информативен центар

Се прават последните подготовки за утрешното отворање на новите простории на бугарскиот културно-информативен центар во Скопје. Целта е преку промоција на културата да се затоплат  македонско-бугарските односи.

Бугарскиот културно информативен центар се сели на нова адреса. Во овие простории позади мене во строгиот центар на главниот град утре ќе бидат отворени вратите на културниот центар чија цел е продлабочување на односите меѓу двете земји…

Директорката на Центарот, Антониа Велева, во изјава за Канал 5 вели дека ова е државна институција, а официјалното отворање на новите простории се подготвувало подолго време и нема никаква поврзаност со контроверзните бугарски клубови кои се отворија неодмна и се приватни. Од бугарска страна досега присуството го потврдиле министерот за култура Миников, кој како што изјави Велева, тука ќе се сретне со неговата македонска колешка Бисера Костадиновска Стојчевска. Потврда има и од двајца заменик претседатели од бугарското Собрание, а претставник ќе има од кабинетот на бугарската потпретседателка Јотова.

„Всушност, времето за отворање нема никаква врска со какви и да биле околности. Едноставно завршивме со подготовката на нашите простории и галеријата, буквално пред околу 15 дена. Гледате дека се уште имаме мајстори, така што, требаше да започнеме со поактивна дејност и токму заради тоа, сега отвораме. Да се позиционираме навистина на место каде ќе има можност да кажеме дека ние сме видлива институција, изложбите кои ги правиме се достапни за сите, да има повеќе гости и да претставуваме поголем круг од културни претставители од двете држави, изјави Велева.

Од македонската влада не откриваат кој се ќе оди на отворањето. Засега е познато дека ќе присуствува министерката за култура Костадиновска-Стојчевска. Таа за Канал 5 вели дека културната соработка меѓу државни институции е вистинскиот пат за меѓусебно пријателство.

Од бугарскиот културно информативен центар велат дека ова е резултат на Спогодбата од март 2003 година кога и во двете земји се основаа вакви центри.