ДЕМИРИ: Не купуваат Албанците имоти во Албанија, туку функционерите на ДУИ-крадат овде, купуваат таму!

„Артан Груби уште еднаш ја утна и се огреши кон Албанците од Македонија: не купуваат тие имоти во Албанија, туку функционерите на ДУИ, кои со своите коруптивни политики станаа милионери, а го оставија народот да страда за залак леб!“! – жестоко реагираше на општествените мрежи Абдуш Демири, потпретседател на опозициската Беса, на изјавата на првиот заменик-претседател на Владата од ДУИ Артан Груби, кој во емисија на ТВ Клан кажа дека е „голем интересот во Македонија и тоа не само меѓу Албанците, за купување имот во Албанија и оти „Албанците од Македонија се најзаинтересирани да вложуваат во регионите на Драч и Валона, додека Македонците повеќе целат кон Саранда, Дерми и воопшто кон југозападот на Албанија“, пренеусва Вечер.

Во својата објава на општествените мрежи Абдуш Демири пишува: „Вистината е дека во Албанија, во Драч, Саранда, Валона, во Тирана, но во Улцињ, во Црна Гора, и во Солун, во Грција, купуваат имоти но не Албанците од Македонија, туку функционерите на ДУИ и членовите на нивните семејства. Горчлив факт е дека Албанците имаа некои бизниси во Албанија, но си заминаа поради исти мотиви: мора и таму, како за сешто, да и се плаќа арач на политиката.“

„Сега Албанците од Македонија, кои имаат бизниси во Албанија, таму воопшто не се присутни, или можат да се набројат на прстите на раката. За иронија на судбината, многу повеќе бизниси имаат Албанците во поранешните југословенски републики отколку во Албанија. Ваквите изјави на Артан Груби воопшто немаат врска со реалноста, туку се банална манипулација со мислењето во Албанија, бидејќи Албанците од Македонија добро знаат кој прави таму бизнис и со какви пари.“