Аргентина е СВЕТСКИ ШАМПИОН!

Големото финале на Светското првенство во Катар донесе голема драма и победа на репрезентацијата на Аргентина во дуелот со Франција 4-2 (3-3 регуларен дел). Аргентинците имаа убава предност од два гола, но тоа светскиот првак го анулира за две минути. И по продолженијата немаше победник, бидејќи беше постигнат по еден гол во секоја мрежа. На крај, одлучија пеналите, по кои поуспешни беа аргентинските фудбалери, а трагичари беа Кингсли Коман и Аурелиен Чуамени.

Бранителот на светскиот трон одигра катастрофално прво полувреме. Противникот предводен од Лионел Скалони ги постигна единствените два гола и стекна висока предност. Од самиот почеток „гаучосите“ тргнаа амбициозно и агресивно. Тоа им донесе резултат и два погодоци. Анхел ди Марија беше најдобар поединец на теренот. Офанзивецот доби шанса од првата минута и беше нерешлива енигма за десната страна од француската одбрана. При еден негов пробив Осман Дембеле стартуваше невнимателно и направи пенал. Меси ја презеде одговорноста и погоди за 1-0.

Французите не одговорија соодветно. Нивната тактика очигледно беше да се препушти играта на противникот, кој вторпат ја казни лошата поставеност на „триколорите“. По една убиствена контра, Аргентинците стекнаа двојна предност. Ди Марија се најде на вистинското место за да ја комплетира одличната акација на својата репрезентација. Дидие Дешамп одговори со две измени пред паузата. Оливие Жиру и Осман Дембеле не ги задоволија неговите очекувања и завршија на клупата за резерви. Долгото продолжение не помогна, па Аргентина замина во соблекувална со огромна позитива.