Дојде „студениот АРМАГЕДОН“, најавени до -55 СТЕПЕНИ (Видео)

Снежно невреме што ги зафати САД оваа недела би можело да го донесе најстудениот Божиќ во некои делови од земјата во последните четири децении, најавија метеоролозите.

Во вторник студот најпрво го зафати северозападниот дел на брегот на Тихиот Океан, а пред да стигне на истокот на земјата ќе се претвори во таканаречена циклонска бомба.

Повеќе од 90 милиони луѓе во 37 држави се под предупредување за „студениот Армагедон“. Околу 80 отсто од нацијата ќе се соочи со температури под нулата, вклучувајќи ги и државите на југ како Тексас.

Според прогнозите на американските медиуми се очекува најстудениот Божиќ од крајот на осумдесеттите. Се предвидува дека дури и сончевата Флорида ќе го доживее најстудениот Божиќ во последните 30 години.

Националната метеоролошка служба соопшти дека до крајот на оваа недела можни се температури од -45°С до -55°С во некои делови од земјата. Ветерот кој се очекува да ја зафати земјата може да предизвика смрзнатини за помалку од пет минути доколку навреме не се преземат мерки на претпазливост, а можна е хипотермија и смрт од долготрајно изложување на студ.

Гувернерите на Кентаки и Северна Каролина прогласија вонредна состојба, а се очекува снежните услови и замрзнати патишта да предизвикаат и сообраќаен хаос.

Стотици летови од Денвер и Чикаго се веќе откажани. Се прогнозира дека Денвер ќе се соочи со најголемиот дел од студениот бран во четврток наутро кога температурата ќе се спушти до -27°С. Чикаго почна да се подготвува за обилни снежни врнежи кои ќе бидат придружени со ветрови кои ќе надминат 80 км/ч.