Поради зголемено загадување стапуваат на сила препораките и мерките за надминување на праг на алармирање за Градот Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица, известува Владата согласно информацијата на Министерството за животна средина и просторно планирање за надминување на прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 микрограми на метар кубен во текот на два последователни денови) на мерните места во Скопје – Центар и Лисиче, Кичево, Кавадарци и Струмица.
Владата ги информира надлежните институции и релевантните општини дека е потребно да постапат согласно заклучоците од записникот од 40-та седница на Владата одржана на 28 ноември 2017 година, според кои Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство им препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар, како и да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот. Исто така, се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, како и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.
Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и единиците за локална самоуправа треба да обезбеди прифатилишта за сместување на бездомници, и да даде поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.
Од Владата информираат дека согласно заклучоците, Министерството за здравство треба да ја ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува информација до ИЈЗ за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа се до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.
Државниот инспекторат за животна средина, пак, треба да почне со вршење зачестена контрола на инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.
Министерството за животна средина и просторно планирање треба да подготви и достави препорака до инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50 %) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.
Според владините заклучоци, единиците на локална самоуправа се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на советите на општините.
Истовремено, Владата ги задолжува сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на единиците на локална самоуправа да ја намалат (до 50%) употребата на службените возила и се препорачува ограничување на работите на градежните објекти до престанок на важење на препораките и мерките.
Спречен увоз на над 26 тони замрзнато пилешко месо од Бразил
Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), на граничниот премин Ќафасан, спречија увоз на над 26 тони замрзнат пилешки батак без коска поради неисполнување на условите за увоз. Пратката со 2167 пакувања по 12 килограми замрзнато пилешко месо, по донесеното Решение за забрана за увоз од официјалните ветеринари на АХВ, вратена е во земјата извозник – Бразил.
Забраната за увоз е изречена бидејќи пратката била во спротивност со донесеното решение за забрана на увоз на живи животни, производи и нуспроизводи од животинско потекло од Бразил заради заштита од внесување на вирусот на високо патогена авијарна инфлуенса (птичји грип) според кое, забранет е увозот на пратки кои се добиени од животни кои се заклани, натоварени и сертифицирани пред 1 август 2025 година.
Љупчо Коцевски ја поднесе оставката како јавен обвинител
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски,само еден час пред собраниската расправа за негово разрешување денес, поднесе неотповиклива оставка. На прес-конференцијата, Коцевски порача дека функцијата ја извршувал чесно, но дека си заминува разочаран од системот.
„Заминувам со гордо крената глава, но и со горчина поради непочитувањето на основните принципи на правната држава“, изјави тој. Коцевски го обвини Собранието за „процедурален линч“, откривајќи дека поканата за седницата ја добил во последен момент, без воопшто да му биде доставен предлогот за разрешување. Според него, овој политички маневар е опасен преседан кој директно ја урива независноста на обвинителството.
Наместо да чека политичка пресуда во собраниските клупи, републичкиот обвинител Љупчо Коцевски денеска избра достоинствено повлекување. Со поднесувањето на неотповикливата оставка, тој фрли сериозна дамка врз транспарентноста на власта, тврдејќи дека неговото разрешување е базирано на политика, а не на факти или закони.
„Немам на што да се произнесам, бидејќи предлогот за мое разрешување воопшто не ми е доставен“, истакна Коцевски, нагласувајќи го апсурдот на ситуацијата во која поканата ја добил само 60 минути пред почетокот на седницата. Неговото заминување по помалку од две години мандат отвора нови прашања за тоа колку е навистина „независно“ македонското правосудство од политичките влијанија.
Антикорупциските организации со апел да не се одлага законот за заштита на укажувачи
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата апелира до институциите без одлагање да го усвојат Законот за заштита на укажувачите, предупредувајќи дека долгото доцнење сериозно ја поткопува борбата против корупцијата.
Од Платформата изразуваат загриженост што, и покрај тоа што Предлог-законот е подготвен уште од крајот на 2023 година, тој сè уште не е ставен во собраниска процедура. Граѓанските организации биле активно вклучени во процесот – преку работната група формирана од Министерството за правда биле одржани 15 состаноци и две јавни дебати, но резултатите од тој процес досега не се материјализирале.
Во најновиот Извештај за напредокот, Европската комисија посочува дека законското решение за заштита на укажувачите сè уште не е целосно усогласено со европското законодавство и дека недостигаат ефикасни механизми за негова примена. Како ризик се наведува можноста лицата кои пријавуваат неправилности да бидат изложени на притисоци, вознемирување, па дури и отказ, што директно ја намалува довербата во системот.
Според Платформата, фактот што подготвен закон повеќе од две години чека да биде донесен испраќа лоша порака и ја ослабува институционалната заштита на укажувачите – еден од клучните механизми за откривање корупција.
Дополнително, Законот за заштитено пријавување и заштита на укажувачи е предвиден и во Програмата за работа на Владата за 2025 година, како акт по кој треба да одлучува Собранието уште во мај. И покрај тоа, законската постапка сè уште не е завршена, што, како што велат од Платформата, е неоправдано одолговлекување.
„Со усвојување на овој закон ќе се подобри статусот и безбедноста на укажувачите, кои се една од најважните алатки во борбата против корупцијата. Тоа би значело и зајакнување на уште еден механизам за владеење на правото, за што носителите на јавни функции јавно се залагаат“, порачуваат од Платформата.