Преку ноќ ЈА СНЕМА новогодишната ЕЛКА во Радовиш!

Радовишани заспаа со накитена елка, се разбудија со празен плоштад. Тие на социјалните мрежи прво се шегуваа дека некој им го украл Божик, за потоа да се рашират муабетите дека фирмата која го украсила градот не била платена, па решиле да го раскитат.

Градоначалникот Ацо Ристов за ММС потврди дека фирмата била таа која ја отстранила елката, но само затоа што ја поставиле без градот да им побара или без било каков договор.

Нема да дозволиме некој да нè уценува и рекетира, вели Ристов објаснувајќи дека фирмата, која што не сакаше да ја именува, со години наназат поставувала елка и го украсувала градот, така направила и оваа година, меѓутоа тоа го направила без пред тоа да склучи било каков договор со општината. Откако било направено украсувањето, фирмата од општината побарала 7.000 евра за елката и украсите, со тоа што тие не стануваат во трајна сопственост, туку само се изнајмуваат.

Почна и притисоците и уцените од фирмата дека доколку не се плати, ќе си ја соберат елката. Јас не сакам никој да ме уценува за нешто што не сме го побарале. Едноставно не сакав да продолжи оваа коруптивна шема, што била разработена во годините наназад. Реков дека нема да платиме и тие во саботата си ја собраа елката, додаде Ристов за ММС и вети дека радовишани ќе добијат и нова елка и нови украси и целосна новогодишна програма.