И Бог помогна, со признавањето на МПЦ-ОА од СПЦ, да бидат постигнати историски најдобри односи

Она што беше значајно за Србија во 2022 година се априлските избори на сите нивоа со кои се потврди повеќегодишната доминација на власта на Александар Вучиќ и неговата Српска напредна странка (СНС), изборот на нова Влада на чело со Ана Брнабиќ, влијанието на руската агресија врз Украина и одбивањето на Србија да се приклучи кон санкциите на ЕУ, што влијаеше врз енергетската криза и евроинтегративните процеси, како и Бриселскиот дијалог со Косово за нормализирање на односите кој кон крајот на годината колабираше, со енигматскиот француско-германски предлог и подигање на борбената готовност на вооружените сили кон Косово, ситуација која ќе ги услови смерниците на Србија и во 2023 година.

Оценка за односите на Србија и Македонија во 2022 ги даде самиот претседател Вучиќ како „најдобри односи во историјата“, на што влијаеа динамиката на Отворен Балкан со потпишување бројни договори, зголемување на економската соработка, извозот на српско млеко, брашно, храна и покрај забраната за други држави, затворањето на единственото отворено прашање –црковното прашање со признавањето на МПЦ-ОА од страна на СПЦ и заедничките литургии, заедничкото чествување на АСНОМ во Прохор Пчински, заедничката соработка во решавањето на енергетската криза.

-И кога имавме одредени проблеми, бевме секогаш блиски, а денес сме најблиски и повеќе немаме ниту едно отврено прашање и горд сум што можам да кажам дека имаме најдобри односи во историјата и верувам дека ќе бидеме умни така и да ги одржиме со децении, изјави Вучиќ на самитот Отворен Балкан во Белград.

Епитетот „историски“ првпат го употреби шефот на српската дипломатија, Никола Селаковиќ во февруари во Скопје на заедничката прес-конференција со Бујар Османи.

–Констатиравме со посебно задоволство дека во 2021 година нашата економско-трговска размена достигнала нешто што е историско ниво, милијарда и 120 милиони евра и со тоа го надминавме нивото на размена од периодот пред пандемијата со Ковид-19. Нашиот извоз во РС Македонија стигна до историско ниво од 815 милиони евра, а увозот од Северна Македонија во Србија е зголемен за 41,7 отсто. Нашата вкупна економска размена е зголемена за 30,4 отсто и уверени сме дека со натамошното спроведување на иницијативата Отворен Балкан што го гледаме како голема шанса за регионот, нашата трговска и економска размена ќе продолжи да расте, рече Селаковиќ.