Османи ЗА 100.000 ЕВРА ангажира ПИ-АР АГЕНЦИЈА ЗА ДА ГО ПРОМОВИРА ПРЕТСЕДАВАЊЕТО СО ОБСЕ

Министерството за надворешни работи (МНР) ќе потроши околу 100.000 евра за пиар активности за претседавањето на Македонија со Организација за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ). Македонија од 1 јануари го започна претседавањето со ОБСЕ, најголемата светска регионална безбедносна организација која опфаќа 57 држави учеснички од Европа, Северна Америка и Азија. За таа цел склучен е договор со Друштвото за менаџмент и консултантски активности агенција „Рејтинг СП-М“ ДООЕЛ за 6.100.000 денари . Во тендерот стои дека се потребни услуги за стратешки комуникации во пресрет на претседавањето со ОБСЕ, пишува СДК.МК.

МНР троши народни пари на пиар агенција и покрај тоа што Министерството има своја служба за односи со јавност, а исто така и во Владата се вработени и ангажирани лица за пиар, фотографи и сниматели.

Според Електронксиот систем за јавни набавки, тендерот е објавен на 29 септември 2022, јавното отворање на понудите било на 1 ноември, а одлуката за избраниот победник на тендерот е донесена на 12 декември.

Од Министерството за надворешни работи велат дека покривањето на голем број работи во врска со претседавањето со ОБСЕ подразбира значително зголемени комуникациски потреби и заради тоа низ транспарентна тендерска постапка ангажирале посебен економски оператор.

„Покрај политичко-меѓународната улога, претседавањето со ОБСЕ претставува и посебна можност за севкупна општествена, политичка, културна, па и туристичка промоција на земјата. Соодветно, секоја земја-претседавач досега се соочила со предизвикот за соодветно брендирање на самото претседавање, а со цел промоција на земјата и нејзините посебности во рамките на меѓународната политичка сцена и севкупната меѓународна јавност. Соодветно на Агендата на самото претседавање, поголемиот дел од активностите ќе бидат насочени кон надвор, со посебен фокус кон земјите во рамките на ОБСЕ регионот. Под слоганот ‘За луѓето се работи’, целта на активностите ќе биде да се потенцира улогата на земјава во промоција на политиката на дијалог; создавање и обезбедување поддршка околу политичкиот наратив за улогата на ОБСЕ во решавањето на конфликтите и обезбедувањето долгорочна стабилност; поддршка за проширување на бројот, но и продлабочување на улогата на теренските мисии во креирањето на општата стабилност; значењето на политичко-дипломатските активности од аспект на состојбата на луѓето“, велат од МНР, пишува СДК.МК.