Ќе се палат ли вечерва Бадникарски огнови, од МПЦ-ОА апелираат обичајот да запре

Ќе се палат ли вечерва Бадникарски огнови, од МПЦ-ОА апелираат обичајот да запре

05/01/2023 08:28

Апели вечерва да не се палат Бадникарски огнови и годинава доаѓаат од редовите на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Во изминативе години во бројни населби во македонските градови, по традиција, вечерва спроти утрешниот празник Бадник, палат огнови околу кои се собираат граѓани. Но, од МПЦ-ОА повторно предупредуваат дека во период на енормно високо аерозагадување, но пред се заради тоа што палењето на Бадникарските огнови не е во склад со христијанството и традицијата.

-Некои работи излегоа од контрола во врска со обичајот. Оган како оган не е проблематичен. Оган имало и кај пастирите кои дошле да се поклонат на раѓањето на Исус Христос. Проблемот е нашиот пристап и сето она што се случува околу огнот. Особено греаната ракија којашто треба да ја нема, Бадник е последниот ден и последната вечер пред Христовото раѓање, пред големиот празник, кога постот е веќе поголем кога всушност ние бдееме и го поминуваме времето во сеќавање и во молитва на Бога и на неговото раѓање, укажа отец Сашо Николовски, старешната на Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во изјавата за телевизијата Канал 5.

Црквата ги повикува верниците да го почитуваат овој апел и да почне процесот на конечно прекинување на оваа традиција меѓу народот која нема верски елементи на празнување. Ставот е дека е неприфатливо во време на пост да се прават забави, да се мрси, а луѓето место во црквите на служба и молитва, се присутни околу огновите, кои се пагански, а не христијански обичај. Се нагласува дека е најдобро дрвата да се донираат на граѓаните коишто имаат потреба за огрев.

Дали верниците ќе ги прифатат овие апели останува да се види бидејќи во голем број од градовите во земјава палењето на Бадникарските огнови е долга традиција.