Connect with us

Македонија

Агатангел: Она што народот со децении го градеше, за миг го срушија Бојковци, Зорановци и Бујари

Published

on

Актуелниот случај со Бугарија е школски пример за тоа колку политиката може нештата да ги расипе. Видовме колку е силна нејзината деструктивност, доколку е приграбена од суетни, неспособни и глуви луѓе. Проблемот се нашите властодршци, кои немаат никаков сенс за духовното здравје на македонскиот народ. Во својата сервилност и нетактичност се однесуваат како да се противници на овој народ, а не негови бранители и службеници, вели во божикното интервју за весникот ВЕЧЕР, митрополитот повардарски, владиката Агатангел. „Од овој народ земаат плата и добиваат позиции и привилегии, а штитат туѓи интереси. Истото го направија и со промената на името. Откако го понижија и го згазија македонскиот народ, откако го фрлија во колективна депресија и апатија, откако ни нанесоа долговековен срам, и откако не добија ништо од тоа што им беше ветувано, ни малку не се вразумија. Напротив, и понатаму продолжуваат да тонат од бесмислица во бесмислица. Светите Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум, Гоце Делчев се нашите народни столбови врз кои е изградено македонското национално здание. Ако еден од овие столбови биде нагризан, или не дај Боже срушен, ќе гледаме пред нашите очи невидена катастрофа со фатални последици“, вели Агатангел во интервју за весникот ВЕЧЕР.

-Божик, голем христијански празник, симбол на раѓањето, животот, љубовта, дарувањето… Со какви чувства гопречекувате и на кои празнични пораки ќе ги потсетите оние кои го следат патот на христијанството?

На секој православен христијанин, на сите мои драги и возљубени Македонци и Македонки, на сите граѓани во оваа наша прекрасна земја, им посакувам пред сè добро здравје и постојан мир во нивните срца. Преку воплотувањето Христово ни се дарува вистинската слобода, бидејќи не сме повеќе под јаремот на гревот и смртта. Од овој момент ништо повеќе не владее со нас. На човекот му се врати достоинството, му се даде можност да изгради вечно живеалиште во рајските населби. Преку Господ Исус Христос се надминати сите граници и ограничувања, победена е секоја несреќа и неволја, утврдена е секоја правда и вистина, дарувана е можноста за осмислен живот. Сега секоја борба со искушенијата си има своја крајна цел и оправдување. Животот не е залудно потрошено време, кое е препуштено на заборавот и исчезнувањето. Победничкиот венец, како скапоцена круна и награда, ќе биде поставена врз главата на праведникот, во чија душа засекогаш е распослана вечната утеха. За секој посветен следбеник Христов ова не е само овоземен симбол и моментална инспирација, туку е жива реалност, такт што тивко бие и правилно го наведува коработ на животот кон мирното пристаниште на Царството Божјо. Имајќи го за пример и патеводител родениот Богомладенец, да го надминеме секој страв и секоја слабост, да го утврдиме духот во нашите битија, да изградиме чист трон и блескав престол, врз кого, како добар цар и владетел, ќе заседне Синот Божји, родениот Спасител, долгоочекуваниот Месија. Христос се роди! Самиот Бог го зеде нашето тело, ја усвои нашата природа, и како човек живееше меѓу луѓето. За оваа неземна Божја љубов, секојдневно, не само денес, ќе треба да благодариме.

-За жал, сведоци сме на различни манифестирања на регресија на духот. Се чини дека границата меѓу доброто и злото се поместува…

Така е! Регресијата на духот е резултат на ерозијата на моралот. Ниту една цивилизација, па колку и да била навидум „совршена“, не преживеала, ако ја избришала границата меѓу доброто и злото. Живееме во време кога сме присилени да се бориме и да ја докажуваме нормалноста. Лажната слобода, чија девиза е „сè ми е дозволено“, на парадоксален начин го заробува и полека го поништува човекот. Сите понекогаш се чувствуваме како битија потопени во длабокото море. Колку повеќе се обидуваме да викаме и запомагаме, толку повеќе во нашите бели дробови ни влегува од солената вода. Живееме во скршена држава, скршена економија, скршено образование, скршени семејства, скршено судство, скршено е нашето срце, нашиот ум, нашата мисла, па од ваквата секаде-присутна „скршеност“ неминовно си ја прекршуваме и нашата околина, нашето непосредно општество.

Си создаваме лажни и скршени божества, енормни богатства, петминутна слава, ненаситна лакомост, кои само моментално ни даваат минливо и скршено задоволство. Вака структурирани, поточно вака накриво насадени и накалемени, без трошка совест и сомилост ги повредуваме другите. Мислиме дека сме сами на овој свет, дека од нас почнува историјата на светот и човештвото, па затоа со невидена леснотија газиме по традицијата и по славното минато, рушиме историја, менуваме вековни имиња, ништиме јазик и народен идентитет. Додека си мислиме дека креваме револуција, се спремаме да голтнеме од отровот кој е помешан со зашеќерен мед. Во таборот на слепите ја бараме светлата иднина. Погледнете ги нашите првенци, без разлика која област и да ја одберете, и ќе ви биде јасно со каква чума си имаме работа.

-Умееме ли да помагаме?

Во човечката нарав е да помага. Човекот е социјално битие, од Бога е така создаден, да општи меѓусебно и да се поврзува. Во осаменоста полека венееме и пропаѓаме. Насекаде низ земјата сè уште има добри и чесни луѓе, но проблемот е што општеството прави сè што е во негова моќ таквите да ги отстрани и занеми. Злото отсекогаш било амбициозно, без разлика на неговата докажана шкртост и тесноградост. Погледнете го Христос! Иако беше еднаков на Бога, сепак благоизволи да се роди и да живее како обичен човек. Он е Татко на секоја помош, поточно Он Самиот е помошта, бидејќи Негова природа е љубовта. Без љубов е невозможно да се има почит и грижа за другиот. Љубовта не бара ништо свое, таа е спремна да се жртвува, да дели и да се раздава.

-Каков е Вашиот став за бадникарските огнови? Како да се направи компромис меѓу верата и традицијата, фолклорот?

Не треба да се прави никаков компромис, верата не е спротивставена на традицијата и на фолклорот. Напротив, таа како нивни верен чувар, постојано со добри и корисни содржини ги надградува и збогатува. Верата е истовремено и коректор на застранетоста, таа пази да не влезе гладниот волк во трлото и да ги растргне и распрсне сите добри древни навики. Точно е дека верата си има свој ред и поредок, свои утврдени догми, канони и правила, но не можеме од обичниот народ, од обичните добри домаќини, да очекуваме дека ќе бидат експерти за сите верски прашања. Народот преку разни обичаи, на свој начин си ја манифестира радоста од празникот. Така е и за Бадник, на овој ден во македонските православни семејства се пеат соодветни и пристојни стари песни, кои за жал полека како да се забораваат. Бадникарските огнови си имаат своја смисла само ако се однесуваме пристојно, ако не се претерува со јадење, пиење и пирување до самозаборав. Никогаш не смееме да го скренеме нашето внимание од суштината на празникот, бидејќи тогаш се обесмислуваат нештата, радоста се разводнува и се претвора во празна тага, која како таква неминовно ќе си ја однесеме во нашите домови. Наместо радост, во нашите срца ќе се посади жалост и потиштеност. Не постои народ кој нема своја традиција во однос на верските празници. Бидејќи се наоѓаме во процес на глобализација, неминовно се мешаат разни традиции една со друга, па за жал понекогаш од нашите древни празници правиме карикатура. Секоја генерација несвесно си остава свои обичаи и традиции, кои полека од идните генерации се прифаќаат како нормално културно наследство. Треба да бидеме внимателни. Она што сега како обичај го воспоставуваме, ќе биде наследено од нашите деца. Нашата сегашна милозвучност и хармонија, ќе биде чуена дури од оние кои сè уште не се родиле. Затоа и имаме сериозна одговорност по ова прашање.

-Како ја оценувате моменталната позиција на МПЦ-ОА во православниот свет? По повеќедеценискиот спор, СПЦ ја призна автокефалноста на МПЦ. Кога реално може да се очекува Томосот? И дали тој треба да пристигне од Константинопол?

Позицијата на МПЦ-ОА во православниот свет никогаш не била подобра. Сега ја имаме речиси истата положба што ја имала древната Охридска архиепископија, чии признати наследници сме токму ние. Долг и трнлив беше патот што како Црква и како македонски православен народ го изодивме. Но тоа им било јасно и на нашите славни претходници, на оние што ја втемелија и воспоставија нашата црковна автокефалност. Нам како христијани ни доликува љубовта, на ова евангелско дрво сме сите ние накалемени. Чекавме стрпливо и дочекавме. Спорот кој го имавме со сестринската СПЦ се надмина на најдоброможниот начин. Во овие неколку месеци, видовме и посведочивме „колку е добро и убаво браќата да живеат заедно“ – како што се вели во 133. псалм Давидов. Неизмерно сме му благодарни на неговата светост, патријархот српски г.г. Порфириј, на сите архиереи на Српската православна црква и на сиот српски православен народ, што смогнаа сили и со своите правилни постапки, со својата љубов и почит, засекогаш се врежаа во нашите срца, во колективната свест на македонскиот православен народ. Ова е добриот пример кој ги одзема и скратува крилата на секоја пизма и недоразбирање. Овој пат постепено го чекорат и останатите помесни православни цркви во православниот свет. Со Константинополската црква воспоставивме литургиско единство, но за жал над нашите глави сè уште виси како Дамоклов меч вековното недоразбирање, кое нема никаква врска со христијанството. Сè уште е проблем нашето македонско име и националниот идентитет на македонскиот народ. Изгледа, моментално до тука можеме да го прејдеме мостот. Ќе даде Бог духовни сили, па еден ден и ова недоразбирање ќе биде надминато, во тоа сум целосно сигурен. Најтешко се победува предрасудата којашто се претворила во утврдена вистина. Понекогаш треба да помине една генерација, па да се смени со друга, која е целосно ослободена и растоварена од товарот што го успорува секој духовен развој. Во очекување на тоа, искрено сме благодарни на неговата сесветост г. г. Вартоломеј и на архиереите на најславната Вселенска патријаршија, што братски нè примија во литургиско сослужување. Црквата си има сопствен ритам на живот и постоење, трпението секогаш на крајот дава добри резултати. МПЦ – ОА го доби томосот од СПЦ, таа веќе е призната од поголемиот дел на Помесните православни цркви. Треба да се навикнеме едни на други. Тоа, сега за сега, успешно го правиме. Битно е дека почнавме интензивно меѓусебно да сослужуваме, комуницираме и соработуваме. Како Македонска православна црква-Охридска архиепископија ни претстои макотрпна работа, од која ќе никнат и ќе се изродат најубавите дрвја, со највкусните плодови.

Македонија

СИТЕ МОЛЧАТ КОГА ЧЛЕНКА НА ЕУ ГИ НАПАЃА МОЈОТ МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК И ИДЕНТИТЕТ – Мицкоски за двојните стандарди на ЕУ

Published

on

Mакедонскиот пат кон ЕУ „започна многу пред да започне евроинтеграцискиот процес на Албанија, дури и пред Хрватска, но за нас системот на заслуги е бајка, рече премиерот Христијан Мицкоски на денешниот настан во рамки на 61. Минхенска безбедносна конференција наменет за пристапот на Балканот кон Европската Унија.

-За нас бајката стана подвижна мета. Ние сме жртви на билатеризација или, да бидам попрецизен, нашето придвижување кон ЕУ е многу комплексно. Наместо да ја донесеме Европа до Балканот, ние го донесовме Балканот во Европа. За жал, има земји членки на ЕУ кои доаѓаат од Балканот кои донесоа билатерални спорови заедно со нив во Брисел, наместо бриселските вредности да ги донесат на Балканот, рекол премиерот Мицкоски.

Како што информира владината прес-служба, премиерот во обраќањето кажал дека промената на името не бил  единствен пример за мешање во внатрешните работи на суверена држава, туку и промената на знамето.

-Наш маркер е и останува да биде, да станеме дел од ЕУ, без сомнение. Слушам некои коментари тука дека имало говор во текот на првиот ден од американскиот заменик-претседател Венс и дека тој говор значел големо мешање во внатрешните работи. Промената на името, промената на знамето, промената на валутата, што се? Не се мешање во внатрешните работи. Колку долго треба да патиме од двојните стандарди? Ние тука не зборуваме за процес заснован на системот на заслуги, ние зборуваме за билатерални спорови кои не треба да имаат ништо заедничко со европските вредности, истакнал Мицкоски.

Претседателот на Владата посочил дека нашата држава има целосно усогласена надворешна и одбранбена политика со ЕУ и дека сме меѓу петте земји најголеми донатори на Украина по глава на жител, а исто така го исполнивме условот 2 отсто за одбранбени трошоци на годишно ниво.

-Ние сме целосно усогласени со барањата за надворешната и одбранбената политика. Морам да го истакнам ова прашање, кога Русија го напаѓа и го негира украинскиот идентитет, за што и претседателот Зеленски зборуваше вчера, ние сме сите гласни, критикуваме, се бориме за правата на украинскиот народ и против оваа невидена агресија, но кога парламент на една земја членка на ЕУ го напаѓа и го негира македонскиот идентитет и мојот македонски мајчин јазик, тогаш сите молчат, заклучил Мицкоски.

Во обраќањето тој порачал дека Европа нема да биде обединета без сите европски земји и дека „овој процес ќе трае додека сите аспиранти земји не станат дел од заедничката маса со останатите земји членки на Европската Унија“.

Continue Reading

Македонија

Демократското движење на Меџити се шири – формирана општинската организација во Сарај!

Published

on

Демократското движење продолжува со своето зајакнување, градејќи силна политичка алтернатива! Денес беше формирана Општинската организација во Сарај, уште еден значаен чекор во мисијата за промени и нова политичка енергија.

На настанот, кој привлече голем број поддржувачи и членови, за претседател на организацијата беше избран Мухамед Елмази, извршен директор на „Номагас“, докажан професионалец со визија и капацитет да го предводи движењето во оваа општина.

Демократското движење станува сè посилна политичка сила кај Албанците во Македонија, со јасна програма и тим посветен на транспарентно и праведно владеење. Партијата брзо ги проширува своите структури во сите населени места, покажувајќи дека е подготвена да донесе вистински промени.

Формирањето на организацијата во Сарај е уште еден показател дека Демократско движење гради моќна политичка алтернатива, подготвена да ја води државата кон подобра иднина.

Continue Reading

Македонија

„Ние сме гласот на Фросина“ – трет протест за правда во Скопје

Published

on

Голем број граѓани денес по трет пат излегоа на протест во Скопје, барајќи правда за Фросина Кулакова, која загина на пешачки премин, прегазена од возач без дозвола, кој бил под дејство на алкохол.

Протестот започна на булеварот „Партизански одреди“, каде 20-годишниот Васил Јованов, возејќи под дејство на алкохол и поминувајќи на црвено светло, ја усмрти Кулакова. Маршот продолжи кон Владата, Собранието и заврши пред Апелацискиот суд, каде демонстрантите носеа транспаренти со пораки како: „Ние сме гласот на Фросина“, „Валкани пари – смртни последици“ и „Доста со врски, време е за правда“.

На протестот учествуваше и семејството на Кулакова, како и роднини на други жртви од сообраќајни несреќи. Нивната порака беше јасна – системот мора да се промени.

„Протестираме за правда, но и за промена на системот. Не сакаме трагедијата на мојата сестра да се користи за политички поени“, изјави Росица Кулакова, сестра на починатата девојка.

Семејството ја повика Владата да ги сослуша нивните барања, а од пратениците побараа итни законски измени, со цел спречување на вакви трагедии во иднина.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк