Connect with us

Македонија

Г.г. Стефан: Со грижа и посветеност да ги сакаме и да ги почитуваме татковината, историјата…

„Со грижа и посветеност да ги сакаме и да ги почитуваме татковината, историјата, културата, јазикот.

По неизвесните 55 години, гледајќи го оправданото застапување за своја возобновена автокефалност, изминатово лето Господово, семилостивиот Бог погледна на нашата страдална и долготрпелива Црква, и ја исправи две ипол вековната неправда кон неа, па одново ја внедри во полнотата на Сеправославното семејство – во канонско и евхаристиско единство со сите сестрински Православни Цркви, наведува поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан во своето божиќно послание по повод големиот христијански празник Божиќ.

Во продолжение во целост го пренесуваме божиќното послание на г.г. Стефан:

Возљубени чеда во Господа,

Божик, празникот на Христовото рождество, е ден на небоземна радост: Дева Го раѓа Христа – Сонцето на правдата; во витлеемската пештера се сместува Несместливиот; мудреците Го даруваат со скапоцени дарови Оној што ни го дари најскапоцениот дар – нашето спасение; ѕвездата Го озарува Оној што ги создаде сите небески светила, а пастирите се поклонуваат пред Оној што нè изведе од ропството на смртта и нè возведе на новото небо и новата земја, отворајќи ни го Своето Царство. Затоа, на овој ден, ликуваат сите и Го славословат Богомладенецот, „Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение слезе од небесата и се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева, и стана човек“3.

Спасоносниот настан од таа неповторлива витлеемска ноќ е исполнување на времетo коешто се навестуваше од искони, на времето во кое историјата стана сегашност, а очекувањата – стварност. Ова ново време го оживотвори вековниот копнеж на старозаветните праведници и пророци; ова време го засени Законот, а ја возвиши благодатта; го запечати Стариот Завет, но го обзнани Новиот – Заветот на обновената љубов меѓу Бога и човечкиот род.

Со Христовото рождество сè е исполнето со радост и веселие: и ангелите и луѓето, и небото и земјата, зашто Бог стана човек, зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето4, за да ги воздигне кон Себе и за да ги направи учесници во Неговата слава.

Затоа, Божик е празник на радоста, празник на утехата и празник на благодарноста: Синот Божји стана Син човечки, за да го издигне човекот, кој беше потонат во своето себељубие, дарувајќи му ги бескрајните височини на Својата љубов во Царството небесно.

Возљубени чеда во Христа Спасителот,

Богослужбените песнопенија од овој велелепен празник, таинствено нè водат до малото и тогаш непознато гратче Витлеем, покрај тамошната пештера – местото на Христовото рождество; па така – восхитувајќи се на чудото и славејќи Го смирениот Богомладенец – ја чувствуваме Божјата неизмерна љубов кон човештвото и кон сето создание. Затоа, Христовото рождество претставува најголема потврда на Божјата љубов, тоа е начело на еден нов и обновен живот во Христа новородениот и почеток на нашето спасение.

На овој торжествен празник, силно одекнуваат ангелските восклици: Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!5. Овој ангелски воспев постојано нè поттикнува на славословие кон Бога и на градење мир со сите околу нас. Но, низ сиве овие векови, од Христовото доаѓање, па сè до денешни дни, овие ангелски извици како да се запечатени со заборавот, како да се одвеани од виорот на времето и како да не ги допираат нашите срца, па постојано слушаме за немири, за меѓучовечки конфликти, за судири и за војни, чиј извор се алчноста и злите желби на човекот да го одземе и да го завладее туѓото. Но, да не заборавиме дека единствената војна што треба да ја водиме е војната против гревот и против страстите. Само на тој начин ќе можеме да стекнеме вистински мир, мир што го надвишува секој ум6, мир што извира од Миротворецот. На тој и таков мир, на Христовиот мир, треба да се потпира и сиот човеков духовен живот и односот на човекот кон Бога. Имајќи само таков мир, ќе можеме да бидеме во мир и со Бога и со ближните! И само кај луѓе со таков мир има добра волја, па ним не им е тешко да ги исполнуваат евангелските пораки и да прават добри дела.

Возљубени празникољупци,

Во светлината на боговоплотувањето се открива и тајната на Црквата: Синот Божји се воплоти за Своето Тело да го преобрази во Црква и во неа да го привлече оддалечениот човек, кој живее во отуѓеност од Бога. А Црквата, пак – Телото Христово, на своите многувековни плеќи, го носи и го посведочува севкупниот Христов домострој за спасение на човекот и на светот: од Неговото рождество, па сè до Неговото вознесение. Затоа, Црквата е самиот Христос, Кој низ вековите непрекинато се раѓа, се распнува, умира и воскреснува.

Според тоа, едната, света, соборна и апостолска Црква непрестајно ја живее полнотата на боговоплотувањето, односно ја живее тајната на единството меѓу Бога и човекот, потврдено во личноста на единородниот Син Божји, Господ Исус Христос. Впрочем, и витлеемската пештера, во којашто Тој се роди, стана првиот Дом Божји, првата Црква во која оттогаш пребиваме како избран род, царско свештенство и свет народ, возвестувајќи ги совршенствата на Оној што нè повика од темнина во Својата чудесна светлина7.

Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,

Црквата Христова, како вистински жетвар, ги собира и ги чува во своите вековни амбари непроценливите богатства на секој народ, на секоја историја и на секоја култура. Така, и нашата Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, ги чувала, ги чува и ќе ги чува довека сите радости и сите страданија, ги памети и ќе ги памети сите стремежи и копнежи на нашиот напатен македонски народ. Впрочем, до неодамна нашата Црква беше ставана во костец со разни искушенија и неосновани негирања. Но Бог не дозволи оваа Павлова и Светиклиментова Црква да биде бескрајно понижувана и оспорувана, туку ги виде подвизите и воздишките на нејзиниот верен народ и ги услиша молитвите на нејзините црквољубиви поколенија.

По неизвесните 55 години, гледајќи го оправданото застапување за своја возобновена автокефалност, изминатово лето Господово, семилостивиот Бог погледна на нашата страдална и долготрпелива Црква, и ја исправи две ипол вековната неправда кон неа, па одново ја внедри во полнотата на Сеправославното семејство – во канонско и евхаристиско единство со сите сестрински Православни Цркви. Затоа, да Му благодариме на Бога за овој дар и за можноста литургиски да општиме со нашите браќа од сета Православна екумена, што дава можност да се доврши и признавањето на нејзиниот автокефален статус.

Нашата Света Македонска Црква катагодишно одбележува значајни собитија и личности, изнедрени од нејзината богата историја. Така, и во годината што е пред нас, литургиски ќе наѕреме и особено ќе се навратиме кон почетоците на нашата свештена црковна историја, прославувајќи 1160 години од почетокот на Моравската мисија на светите браќа Кирил и Методиј, кога и нам ни се овозможи да Го славиме и да Го исповедаме Бога на разбирлив јазик, како и 1130 години од хиротонијата на свети Климент Охридски за Епископ Велички.

Одбележувањата на овие битни настани од нашата црковна и национална историја уште еднаш ја потврдуваат пред светот вистината за нашата Црква, за нашиот богослужбен и говорен старомакедонски јазик и за древноста и посебноста на нашата култура и писменост.

Возљубени чеда на Христа Богомладенецот,

Како верен народ потребно е постојано да напредуваме во верата, надежта и љубовта кон Христа Богомладенецот, покажувајќи поголема љубов кон нашите ближни и кон сите луѓе и народи околу нас, зашто само така ќе се потврдиме како Негови вистински ученици8. Со доволни грижа и посветеност да ги сакаме и да ги почитуваме: Татковината, историјата, културата, јазикот и сета свештена и национална оставнина од нашите предци. А, во овие времиња-невремиња, во коишто владеат бројни искушенија и предизвици, да се покажеме доследни следбеници на Христа новородениот – како мирољупци и миротворци, како богољупци и човекољупци.

Со пораки за љубов и благосостојба, им го честитаме празникот на Христовото рождество на сите чеда на Мајката Македонска Црква ‒ овде, во Татковината, како и на иселените Македонци по светот. Се молиме Богомладенецот Христос да се всели во јаслите на нашите срца, правејќи Свој дом, во кој постојано ќе царуваат мирот, радоста и љубовта. Амин!

Х Р И С Т О С С Е Р О Д И!

Честито и од Бога благословено новото лето Господово!

†СТЕФАН

АРХИЕПИСКОП

ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

со членовите на Светиот архиерејски синод

на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија

† ПЕТАР, Митрополит Преспанско – пелагониски и

администратор Австралиско – новозеландски

† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско – кичевски

и администратор Австралиско – сиднејски

† НАУМ, Митрополит Струмички

† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски

† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско – канадски

† ПИМЕН, Митрополит Европски

† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички

† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско – гостиварски

† ГРИГОРИЈ, Митрополит Кумановско – осоговски

Македонија

Обвинени директор и управител: Комунален отпад ја загрозувал животната средина во Скопје

По спроведена истрага, Основното јавно обвинителство Скопје подигна обвинение против две лица, кои се обвинети дека заеднички извршиле сериозно кривично дело – загрозување на животната средина и природата со отпад, казниво по член 230 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Според наодите од истрагата, во текот на октомври годинава обвинетите, со сериозни пропусти во вршењето надзор врз собирањето, транспортот и управувањето со отпадот, создале реална опасност од значително загадување на почвата, воздухот и водата, како и ризик по здравјето и животот на граѓаните и уништување на растителниот и животинскиот свет во поголем обем.

Првиот обвинет, како вршител на должност директор на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, постапувал спротивно на Статутот на претпријатието, Законот за комунални дејности и одлуките на Управниот одбор. Тој не ја спроведувал деловната политика, не ги извршувал своите основни надлежности, не ги следел и анализирал плановите и договорните обврски и не преземал мерки за нивна реализација. Дополнително, не обезбедил соодветна заштита на животната средина и не се грижел комуналните услуги да се вршат континуирано, квалитетно и со исправна опрема и инфраструктура, иако тоа му било законска обврска како раководител на јавно претпријатие.

Заедно со вториот обвинет – управител за отпад (подгрупа 5), вработен во областа на комуналните дејности и носител на уверение за положен стручен испит за управување со отпад издадено од Министерството за животна средина и просторно планирање – тие, според обвинителството, со умисла постапувале спротивно на Законот за животна средина и Законот за управување со отпад. Наместо да преземат мерки за заштита на околината, тие не ги спроведувале плановите и програмите за управување со комуналниот отпад на територијата на Град Скопје.

Како директна последица на нивното постапување, редовното собирање и транспорт на безопасен комунален отпад не било извршувано, ниту била побарана измена на Оперативниот план и програмата. Со тоа, обвинетите овозможиле формирање диви депонии на јавни и сообраќајни површини, при што отпадот се одлагал околу и во непосредна близина на садовите за собирање.

Со оглед дека доказната постапка е целосно завршена и дека обвинетите повеќе немаат можност да влијаат врз истрагата, јавниот обвинител предложи притворот да им биде заменет со мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето, обврска за повремено јавување во суд, како и привремено одземање на патната исправа или забрана за нејзино издавање.

За обвинетиот управител со отпад, кој и понатаму е вработен во ЈП „Комунална хигиена“, обвинителството предложи и дополнителна мерка, со цел спречување на понатамошно загрозување на јавниот интерес и животната средина.

Continue Reading

Македонија

Изборот за вршител на функцијата државен јавен обвинител одложен

Советот на јавни обвинители денеска не успеа да избере вршител на должноста државен јавен обвинител, откако пропадна итната седница поради отсуство на еден од членовите. Од Советот уверуваат дека станувало збор за оправдано отсуство.

„Седницата на Советот на јавните обвинители, закажана за 18 декември 2025 година во 11 часот, по предлог на член на Советот, а поради оправдано отсуство на еден од членовите, се одложува за 22 декември 2025 година, понеделник, со почеток во 11 часот“, соопштија од Советот.

Изборот на в.д. државен обвинител требаше да се реализира по итна постапка, откако досегашниот државен обвинител Љупчо Коцевски завчера поднесе неотповиклива оставка во Собранието. Оставката дојде токму на денот кога пратениците требаше да го разгледуваат предлогот за негово разрешување, поднесен од Владата.

По заминувањето на Коцевски, Собранието е обврзано во најкраток можен рок да распише оглас за избор на нов државен обвинител. До тогаш, функцијата ја врши вршител на должност, кој се избира од редот на републичките јавни обвинители, а го именува Советот на јавни обвинители.

Continue Reading

Македонија

Ревизијата откри: СДСМ и ДУИ скрија 2 милиони евра во Лотарија на Македонија

Скандалот во Лотарија на Македонија, за што ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека милиони евра на граѓаните завршиле во рацете на кадри на ДУИ, додека СДСМ молчело и ги прикривало злоупотребите.

Според извештајот на Државниот завод за ревизија, додека институцијата беше под контрола на лица од СДСМ и ДУИ, се случиле сериозни финансиски неправилности, вклучувајќи злоупотреба на два милиони евра. ВМРО-ДПМНЕ посочува дека одговорните лица – Перпарим Бајрами и Артан Груби – ги фалсификувале и прикривале парите на граѓаните, додека владејачката партија ѝ давала „зелен сигнал“ на ова.

„Јавноста заслужува да знае каде завршиле овие пари и зошто првичниот криминал помина неказнето“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Партијата истакнува дека ова е само врвот на ледената санка, со оглед на долгогодишните злоупотреби во Лотарија и другите државни институции.

Во соопштението се наведува дека СДСМ и ДУИ систематски ги уништувале претпријатијата, празнеле буџети и го ограбувале народот, а со заминувањето на обвинителот Љупчо Коцевски, сега е време за одговорност и казнување на сторителите.

ВМРО-ДПМНЕ повикува на итна проверка на сите трансакции и на јасен одговор кон граѓаните за тоа како и каде завршиле парите од Лотарија.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг