Владимир и Косара живееја во голема љубов, слога и светост, искрено служејќи му на Бога и на народот.
-Лето Господово 997, цар Самуил со силна војска ја нападна Дукља, со која владееше младиот крал Владимир, кој уште од детството се одликуваше со голема светост, мудрост и праведност. Кога му предложија да се предаде, тој ги собра поданиците и им рече:
Премили браќа, потребно е на себеси да ја почувствувам евангелската изрека: ‘Добриот пастир душата своја за овците свои ја полага’. Така што, подобро е, браќа, јас душава моја да ја положам за сите вас и да го предадам телото свое да го колат и убиваат, отколку вие да страдате од глад и меч”, и се предаде. Цар Самуил веднаш го испрати во својот дворец во Преспа, а тој го нападна утврдениот град Дулцињ (Улцињ), но не успеа да го освои, па страшно се разлути и ги разруши, ограби и запали градовите Декатар (Котор) и Лаузиј (Дубровник), ги опустоши селата, така што изледаше дека земјата нема жители. Па стаса до градот Јадар (Задар) и со голем плен се врати во својата престолнина, крај Преспанското Езеро.
Во Преспа, кралот Владимир лежеше во окови во заточение. Деновите и ноќите ги минуваше во постојан пост и молитва. Еден ден, ќерката на цар Самуил, боговдахновената и милосрдна принцеза Косара, како вистинска христијанка побара од татка си да и одобри заедно со слугинките да слезе во темните ќелии и на окованите затвореници да им ги измие главите и нозете. Тогаш личната и учена Косара за прв пат го сретна Владимир. И оставија впечаток неговата понизност, кроткост и скромност, но и убавиот изглед. Забележа дека е полн со знаење и мудрост Божја и долго разговараше со него. Многу го засака во срцето свое и од жал за неговата младост и светост, кога слушна дека е од кралска лоза, намисли како да го ослободи. Клекнувајќи пред нозете на цар Самуил, му рече: “Татко мој и господару мој, знам дека, според обичајот, ќе ме мажиш. Но, ако е по волја на твоето величество, дај ми го за маж кралот Владимир, кого го држиш окован. Знај дека сум поподготвена и да умрам, отколку да се мажам за друг!” На стариот цар му се допаднаа овие думи и бидејќи многу ја сакаше ќерка си, а и затоа што знаеше дека Владимир е од кралски род, и ја исполни молбата. Нареди да го ослободат Владимир и откако го искапија и го облекоа во кралско руво, гушкајќи го, им го претстави на бољарите. По раскошната венчавка, царот Самуил му ја врати во владеење на Владимир земјата на неговите прадедовци.
Владимир и Косара живееја во Краина, крај Скадарското Езеро, во голема љубов, слога и светост, искрено служејќи му на Бога и на народот. Кога на царот Самуил Ромеите му ги ослепија војниците, тој, не можејќи да ја поднесе страшната глетка, издивна во тврдината крај Варош. На престолот стапи син му Гаврил Радомир. Еден ден, новиот цар Гаврил Радомир појде во лов на елени со својот прв братучед Јоан Владислав, кому пред повеќе години му го спаси животот, тогаш кога цар Самуил го уби сопствениот брат Арон, таткото на Владислав. И одненадеж, Јоан Владислав наместо во еленот, стрелаше во Гаврил Радомир и така се зацари на неговото место. И бидејќи Владислав беше таен богомил, намисли да се ослободи од христољубивиот крал Владимир. Испрати во неговиот дворец пратеници, да го канат на посета во Преспа, но верната кралица Косара списка: “Мој господару, немој да одиш, за да не ти се случи истото што и на брат ми. Пушти ме мене да отидам и да видам како ќе се однесува царот. Нека ме погуби мене, само ти да не загинеш”. И замина кралицата за Преспа, а царот Владислав ја дочека со најголеми почести. И повторно дојдоа пратеници, носејќи златен крст на подарок. Кралот Владимир го врати подарокот со зборовите: “Знаеме дека нашиот Господ Исус Христос не беше распнат на златен крст, туку на дрвен, така што, ако твојата вера е искрена, а зборовите вистински, испрати ми по луѓе духовни крст дрвен, па со верата и силата на нашиот Господ ќе дојдам, надевајќи се на животворниот крст”. Царот Владислав му испрати дрвен крст по двајца владици. Пред крстот кралот Владимир длабоко се поклони до земи, го целива и со мала придружба тргна на пат кон Преспа. Уште по пат му беа поставени заседи, но, по Божја промисла, кралот безбедно стаса во престолнината. Веднаш, заедно со духовниците влезе в црква да се помоли, но набргу војници ја опколија црквата. Владиците од срам ги наведнаа главите, а кралот, откако се помоли и се исповеда, се причести и држејќи го в раце крстот, рече: “Молете се за мене и овој чесен крст заедно со вас нека биде сведок на денот Господов, дека умирам невин!” Го целива крстот, се прости со духовниците и додека сите ронеа солзи, не испуштајќи го крстот од раце, излезе од црквата, а војниците му ја отсекоа главата пред црквената порта, на (22 мај) 4 јуни 1015 г. Духовниците го сохранија телото во црковниот двор и на гробот, од кој зрачеше необична светлина, набргу почнаа да се случуваат чудесни исцеленија. Кралицата Косара со денови неутешно плачеше. Кога царот Владислав ги виде чудесните дела на гробот на маченикот Владимир, се уплаши и и дозволи на роднината своја да го земе телото и да го погребе каде што сака. Косара го однесе во Краина и го погреба во манастирот Пречиста Богородица. Таа се замонаши и како монахиња Теодора живееше побожен и свет живот, а кога се упокои, по сопствена желба, беше погребена крај нозете на мажот. Царот Владислав живееше во постојан страв заради злоделото што го изврши, а набргу во страв и умре затоа што многу често му се чинеше дека го гледа кралот Владимир како со исукан меч стои пред него.
Маченикот свети Јован Владимир, како и многу други светии, никогаш официјално не беше канонизиран за светец, но неговиот култ, произлезен од волјата на самите верници, набргу од Дукља се рашири и во Далмација, Албанија, Македонија, Света Гора и Бугарија. Неговиот лик е живописан на иконостасот во манастирот Св. Наум, а парче од неговите свети мошти се чува во кивотот во манастирот Св. Јован Бигорски.
Љубовта меѓу црногорскиот кнез Владимир и ќерката на македонскиот цар Самоил, Косара е овековечена во плочата што беше поставена на плоштадот „Владимир и Косара“ во Бар. Плочата е подарок од Македонија на иницијатива на Здружението за македонско-црногорското пријателство и Заедницата на Црногорците во Република Северна Македонија, а на церемонијата присуствуваа претседателите на Македонија и Црна Гора, Стево Пендаровски и Мило Ѓукановиќ. Спомен плочата е дело на македонскиот уметник Томе Аџиевски, до сега се чувала во Ресен.
Поранешниот градоначалник на село Рилци , Благоевградско – Живко Чукарски , ја призна вината и склучи спогодба со Окружното обвинителство во Благоевград за сторено документирано кривично дело поврзано со незаконско регистрирање на државјани од Република Северна Македонија.
Истрагата утврди дека Чукарски изготвил и потпишал 246 потврди за постојана адреса на живеење за македонски државјани , без тие всушност да бидат присутни во селото или да ги достават потребните документи за регистрација на адресата.
Во периодот 2016-2019 година, во селото Рилци биле регистрирани над 4.000 македонски државјани . Според истрагата, дел од регистрациите на адреси се вршени на непостоечки адреси, па дури и на празни полиња без достапни згради.
Иако голем дел од фиктивно пријавените македонски државјани веќе се одјавени од селото Рилци , проблемот со лажните адреси во регионот продолжува. Во соседното село Бело Поле се уште има повеќе од 10.000 македонски граѓани , кои мештаните никогаш не ги виделе.
„Горди со Д-р Златко Станковски и Д-р Владимир Митевски“ – вака гласи известувањето од македонската амбасада во Германија по несебичната помош што овие двајца македонски доктори го направија за да им помогнат на повредените по синоќешниот напад во германскиот град Магдебург, кога Саудиец со автомобил влета во толпа луѓе кои присуствуваа на новогодишен пазар.
„Златко е од Прилеп, а Владимир од Радовиш. Тие работат како специјалисти за интерна медицина и интензивна нега во болницата во Магдебург. Синоќа го дадоа својот придонес во спасувањето и лекувањето на погодените од трагедијата во Магдебург. Горди со нашата дијаспора“ – велат од македонската Амбасада во Германија.
Најмалку пет лица загинаа вклучувајќи и дете во вчерашниот напад на божиќниот пазар во Магдебург, Германија.
Според градските власти повредени се околу 200 лица.
Лицето кое влета со автомобил на саемот во толпа луѓе е приведено.
Гувернерот на покраината истакна дека осомничениот е доктор од Саудиска Арабија кој живее во Германија од 2006 година.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими претседателот на Големото национално собрание на Турција, Нуман Куртулмуш кој престојува во официјална посета на нашата држава.
На средбата се разговараше за зајакнување на повеќедецениските билатерални односи, интензивирање на економската соработка и продлабочување на соработката меѓу парламентите.
Претседателката изрази благодарност за постојаната поддршка на Турција, нагласувајќи ги пријателските односи и споделувајќи лични и професионални искуства со турски колешки и колеги. Таа се заблагодари за бројните турски проекти и донации во земјава.
Залагајќи се за уште поинтензивни економски односи, претседателката се заложи за иницирање нови инвестиции и зголемување на обемот на трговската размена, стимулирањето на туризмот, како и интензивирањето на образовната и истражувачката академска соработка и размена.
Претседателката посочи дека Турција е и наш докажан сојузник во НАТО, изразувајќи благодарност за сите форми на поддршка, со особен акцент на редовните донации во областа на одбраната, коишто придонесуваат за зајакнување на нашата одбранбена способност.
Претседателката, уште еднаш го честиташе 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик, истакнувајќи го значењето на турскиот јазик и култура како дел од македонската мултикултурна ризница и симбол на соживотот меѓу Македонците и Турците.
Претседателот Куртулмуш истакна дека Турција ја препознава нашата држава како искрен и докажан пријател, нагласувајќи го значајниот статус и улогата на турската заедница во неа, што претставува силен доказ за меѓусебната почит и разбирање.
Средбата заврши со обострани заложби за продлабочување на блиските пријателски односи и унапредување на плодната соработка, при што претседателот Куртулмуш со особена чест ја покани Претседателката на официјална посета на Република Турција.