Бугарското партија ВМРО-БНД за денеска на пладне најави протест пред зградата на Европската комисија во Софија во одбрана на правата на луѓето со бугарски идентитет во Македонија. Потпретседателот на партијата и европратеник Ангел Џамбаски инсистира на итен прекин на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.
Вчера охриѓанецот Христијан Пендиков, кој се идентификува како Бугарин и е секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, беше претепан во угостителски објект во Охрид, по што со владин авион на Бугарија беше пренесен во Софија на понатамошно лекување. Бугарија веднаш упати и протестна нота до Македонија, а инцидентот го осудија и претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и шефот на дипломатијата Бујар Османи. Ниту еден од македонските политичари не ги почекаа официјалните информации на МВР дека се работи за нарко-дилер, кој на 17 декември бил фатен како препродава кокаин и против кого е поднесена и кривична пријава.
За тепачката Основното јавно обвинителство на Охрид вчера до судија на претходна постапка од Основниот суд во Охрид достави предлог за определување мерка притвор за 24-годишен охриѓанец, осомничен за кривично дело тешка телесна повреда нанесена врз Христијан Пендиков.
„Осомничениот, на 19 јануари, во кафе бар во Охрид, пристапил до маса на која седело едно лице, го удрил по главата, упатувајќи му ги зборовите ’не ти е срам да се пишиш Бугарин‘ и се оддалечил. Неколку часа подоцна, кога оштетениот излегол од кафе барот и се движел кон неговото возило, осомничениот заедно со уште две други непознати лица го пресретнале и го нападнале, удирајќи го по главата и телото и нанесувајќи му тешки телесни повреди опасни по живот“, соопшти ОЈО Охрид.
Според бугарските медиуми, нападот бил политички и етнички мотивиран, а на нападнатиот му се обраќале со зборовите „мрсен Бугарин“. Слави Трифунов од партијата Има таков народ изјави дека „пратениците кои гласаа да падне ветото се соучесници во тепањето на Христијан“.
„Уште во октомври, кога беше донесен антибугарскиот закон за здруженија, напишав дека бугарскиот парламент треба веднаш да гласа за враќање на ветото против Северна Македонија и да го крене кога Бугарите ќе бидат заштитени во нивниот Устав. Ветото беше инструмент за заштита на правата на Бугарите таму“, изјави Трифунов.
И европратеникот Ангел Џамбаски на Фејсбук најави дека ќе ги алармира институциите на ЕУ. „Брутален обид за убиство на секретарот на бугарскиот клуб во Охрид! Ако случајно си свесен Бугарин, со чиста совест, треба да се плашиш за својот живот за случајно да не наидеш на гнасните кукавици што го извршија овој последователен чин на омраза“, напиша Џамбаски.
Сведоци на настанот велат дека тепачката нема никаква политичка заднина, дека се работи за стари недоразбирања меѓу учесниците во инцидентот. Сведоците тврдат дека откако тројцата охриѓани влегле во кафеаната во која веќе бил Пендиков, секретарот на бугарскиот клуб веднаш почнал да ги вреѓа, по што почнала вербална расправија, која потоа продолжила со физичка пресметка пред кафеаната.
Грција ја поддржува европската перспектива на Западен Балкан како вложување во регионална стабилност
Грција ја гледа иднината на Западен Балкан во Европската унија и ја поддржува европската перспектива на земјите од регионот, но под услов да се исполнуваат критериумите за членство, особено добрососедските односи и почитувањето на меѓународните договори. Според грчки владини извори, проширувањето на ЕУ се смета за инвестиција во безбедноста и стабилноста на регионот, но процесот е тежок и бара реформи и усогласување со пристапните предуслови.
Во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел, на кој ќе учествува грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, грчките извори истакнуваат дека клучни теми ќе бидат и последните случувања во Украина, финансиските потреби на земјите за периодот 2026-2027 година, повеќегодишната финансиска рамка, како и прашања поврзани со гео-економијата и конкурентноста на ЕУ.
БиХ ја зголеми максималната возраст за воена служба на 45 години
Горниот дом на Парламентот на Босна и Херцеговина, познат како Дом на народите, денеска едногласно ги усвои измените на Законот за служба во вооружените сили. Со овие измени, максималната возраст за професионална воена служба се зголемува од 40 на 45 години, под услов војниците да ги исполнуваат психофизичките барања и потребите на службата.
Законот беше разгледан на вонредна седница и предложен од делегатот Џемал Смаиќ. Во образложението, Смаиќ нагласи дека вооружените сили на БиХ се соочуваат со сериозен недостиг на персонал, поради што продолжувањето на старосната граница е неопходно за одржување на оперативните способности на армијата.
Според него, оваа мерка ќе овозможи подобра искористеност на постојниот кадар и ќе придонесе за стабилноста на одбранбениот систем. Новите измени овозможуваат подолг професионален ангажман на војниците, без да се менуваат строгите стандарди за физичка и психичка подготвеност.
25 килограми злато и 55 килограми сребро исчезнаа од судско депо
Истанбул – Во депото на Судот во истанбулскиот кварт Бујукчекмеџе исчезнале 25 килограми злато и 55 килограми сребро, чија вкупна вредност се проценува на над 147 милиони турски лири, или околу три милиони евра. Судските службеници на почетокот на месецот забележале дека еден од нивните колеги долго време е отсутен, по што било констатирано недостигот на благото.
Турското обвинителство веднаш започна истрага, при што е утврдено дека главниот осомничен за исчезнувањето заминал за Лондон, во придружба на неговата сопруга, за која исто така е распишана потерница.
Случајот ја разбуди јавноста во Турција, а властите продолжуваат со напори да ги пронајдат осомничените и да го повратат одземеното злато и сребро.