Грозоморен настан во Велес – 14 годишно девојче силувано од пет лица

Четворица мажи од Велес и еден од Тетово завршија во притвор бидејќи со месеци сексуално злоупотребувале 14-годишно девојче.

Голготата, според наводите на истражните органи, започнала кон крајот на 2021 година.

Првоосомничениот, 25-годишен велешанец, ја запознал малолетничката на Инстаграм. По неколкунеделна интензивна комуникација ја довел во заблуда дека ќе започнат љубовна врска. На првата средба направиле снимка од интимниот однос, со која осомничениот ја присилувал жртвата повторно да се среќаваат ако не сака видеото да се објави на социјалните мрежи. Изнајмувал станови на различни локации во Велес, каде доаѓале останатите четворица осомничени кои прво пиеле и користеле дрога па потоа вршеле полови дејствија врз жртвата и ги снимале.

„С.Д.(25) од Велес во временскиот период од 09.12.2021 година и во текот на 2022 година вршел продолжени кривични дела трговија со дете, користејќи закани, принуда за користење дрога и алкохол, и со уцена дека јавно ќе објави експлицитен материјал, овозможил малолетничката да биде злоупотребена за сексуални услуги и изготвување на порнографски материјал,“ истакна Тони Ангеловски, портпарол на МВР.

Од анксиозност до страв од социјализација – психолозите децидни дека при ваква тешка форма на насилство последиците се огромни. Според Елена Димушевска, сега е најважно жртвата да ја добие потребната психолошка грижа.

На осомничените им се става на товар кривичното дело Трговија со деца. За него е предвидена казна затвор од осум години.