АРСОВСКА РАЗРЕШЕНА ОД ЗЕЛС, нов претседател e Орце Ѓорѓиевски

Орце Ѓорѓиевски е новиот претседател на Заедницата на единиците за локална самоуправа (ЗЕЛС) откако градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска беше разрешена од функцијата.

На денешната седница на ЗЕЛС, Арсовска е разрешена на предлог градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а предложено  беше нов претседател да биде градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Георгиевски.

Предлогот беше прифатен од членовите на Управниот одбор.

Арсовска беше избрана за претседателка на ЗЕЛС на 22 декември 2021, кога потпретседатели станаа градоначалникот на Валандово Перо Костадиновски и градоначалникот на Чаир Висар Ганиу.

Иницијатива за разрешување на Арсовска беше најавена уште на крајот на 2022 година, а како причина градоначалниците ја наведоа пасивизацијата на организацијата.

Градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов, тога изјави дека таквите реакции се оправдани откако се покажа дека годината што измину беше погубна за општините.

„Најверојатно по Нова година на наредната седница ќе треба да ги отвориме сите овие прашања, да направиме ретроспектива на минатата година. Да ги видеме резултатите, да видеме што сме поставииле како цели и што сме постигнале. И врз основа на тоа ние треба да донесеме соодветна одлука, дали ќе менуваме нешто во управувањето или во пристапот во кој ЗЕЛС ќе дејствува понатаму“, изјави Ристов на крај на декември.

Веднаш по седницата на ЗЕЛС, од кабинетот на Арсовска соопштија дека со тоа што градоначалничката била разрешена се покажала коалицијата помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.