ПРАВНУКОТ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ апелира за достоинствен 4-ти февруари!

Поранешниот претседател на Бугарија, Петар Стојанов, упати апел до граѓаните и политичарите на Македонија и Бугарија да не дозволат ескалација на тензиите по повод одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

Кон апелот се приклучуваат Рајна Дрангова, внуката на полковникот Борис Дрангов, командант на бугарските сили во Првата светска војна, правнуката на охридскиот фолклорист и етнограф Кузман Шапкарев, внуката на Тодор Александров, внукот на штипскиот војвода Мише Развигоров и правнукот на Гоце Делчев и управител на Фондацијата за соработка и културен натпревар „Гоце Делчев“ – Христо Христов.

„Провоцираните судири меѓу граѓаните на Република Северна Македонија и Република Бугарија би биле неприфатлива сакрилегија за споменот на Гоце Делчев. Тие ќе фрлат грда сенка не само на односите меѓу нашите најблиски земји, туку и на оние кои загинаа за слободата на Македонија од османлиската власт“, ​​се наведува во апелот.

Исто така, се вели: „Не треба да дозволиме одделни групи луѓе во двете земји, свесно или несвесно, да ја уништат работата на нашите предци“, пренесе БТА.

Петар Стојанов и потомците на македонските семејства ги повикуваат политичарите во Софија и во Скопје „да соработуваат со сите сили за спречување на јазикот на омразата, кој е штетен за нашите две општества и за иднината на нашите две земји“.

Неофицијално, во македонските политички кругови не се очекува да има некаква ескалација на насилство, па ни инциденти на 4 февруари кога ќе се чествува раѓањето на Гоце Делчев, а на провокаторот Ангел Џамбаски нема да му биде дозволен влез во Македонија.