ПЕСНА ЗА ГОЦЕ (ВИДЕО)

“Песна за Гоце“, ја запишал Професорот Коста Пеев во неговата книга “Кукушкиот говор“. Таму го открив само текстот. Немаше нотен запис. Долги години се мачев околу тоа каква е мелодијата. И еден ден, во Иловица го најдов учителот Симо Минов.

Какво откровение беше тоа. Не покани дома. Седна на маса и ја испеа песната. Ја снимив на мобилниот телефон. Подоцна за претставата “Змеј Горјанин“ Ване Јовчев направи аранжман. Фала му бескрајно на љубовта кон целиот проект. Тој беше клучот за се. Сепак за филмот “Беше еднаш во Македонија“ кој остана незавршен од финансиски причини, се решив да оставам актерката Тинче Ристевска песната да ја отпее акапела, без музика.

И таа го направи тоа од душа. Како инаку се пее за Гоце Делчев?! Монологот за Гоце, го говори Ване Крстевски. Чичо си замина, таму некаде е сега, со хероите. Но текстот што Ване Крстевски го збори е компилиран од записи на Коста Пеев, записи што јас сум ги собрал од роднини и бежанци од егејот кои раскажувале за “апустољот“, за “бај Гоце“, како што нашите го нарекува. Никогаш Гоце, секогаш “Бај Гоце“! Дури и старци, Гоце го нарекуваа “бај“, а умрел на триесет и една година! Разбирате ли сега што е Гоце за Македонија и за Македонците? “Бај, господин“, повеќе од тоа, најадекватно е она што е “сер“ за англичаните.

П.С. Ова е снимено на Супер 16ММ негатив и е трајно национално богатство кое десет години се чудам како да го дочувам сам? – Фејсбук статус на Јани Бојаџи.