Битола испрати тимови од спасувачи за помош на настраданите во земјотресот во Турција.
Општината Битола соопшти дека тимот за брз одговор за спасување од планина и високи објекти од Дирекцијата за заштита и спасување, подрачна единица Битола, со 5 членови ќе биде дел од УСР единицата и веќе заминуваат во подрачјето погодено од земјотресот, а доколку се појави потреба, во целосна подготвеност за интервенција се и високопрофесионалните екипи на ТППЕ Битола кои се обучени за спасување од урнатини и земјотреси.
„Хуманоста, солидарноста и одговорноста во ваквите мигови е неопходна. Подготвени сме да бидеме поддршка на луѓето кои во моментот се соочуваат со големи човечки и материјални загуби“, стои во соопштението од општина Битола.
40 спасувачи испраќа Дирекцијата за заштита и спасување, обучени за барање под урнатини. Според информациите од директорот Беким Максути тие најдоцна до утре ќе заминат во Турција.
И осум пожарникари од Општина Струмица, припадници на тимот за пребарување и спасување од урнатини (USAR тим), ќе заминат во спасувачка мисија во Турција, со надеж и уверување дека ќе им помогнат на настраданите во земјотресот.
„Нашите пожарникари се специјално обучени за вакви непогоди и имаат искуство од земјотресот во Албанија“, велат од Општина Струмица.
Веднаш се отворија телефони за донација, а се објавија сметките на Црвениот крст. Еве како може да донирате.
На телефонските броеви 143 400 на Македонски Телеком и А1 – Донација од 100 денари со повик.
Сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РСМ: 300000001327966, даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка со назнака: помош за населението во Турција и Сирија.
За донации на средства во странска валута:
Name of the organization: Red cross of the Republic of North Macedonian
Bank name: Komercijalna banka AD Skopje
Bank address: ul. Orce Nikolov no.3, 1000 Skopje, Macedonia
Bank account: 300000000000133 25730522-11
Swift code: kobsmk2x
Iban code: mk07300701000001228
Никој не остана рамнодушен на страшните слики од погодените градови. Граѓаните повикуваат на солидарност и хуманост. Македонија од секогаш знаела да подаде рака и помогне.
„Да покажеме дека сме благодарни што светот нам ни излезе во пресрет при катастрофалниот земјотрес во Скопје, да се обидеме колку можеме да им помогнеме на луѓето во Турција и Сирија“, се вели во објавите на социјалните мрежи.
Дел од граѓаните и со свои иницијативи за донации.
На фејсбук групата стари скопјани е објавена иницијатива за крводарителска акција
„ Стари скопјани дали може да се отвори пункт за крводарителсво да даруваме крв за Турција“
На фејс профилот пак на Село Прдејци веќе е организирана акција за собирање на ќебиња, храна и останати потребни работи за погодените градови во Турција и Сирија
Од друга страна Советот на Град Скопје информира дека е закажана итна вонредна седница на Совет на Град Скопје за 8 февруари 2023 година (среда) со почеток во 13:00 за носење одлука за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес што зафати делови од Туркије и Сирија.
Љупчо Коцевски ја поднесе оставката како јавен обвинител
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски,само еден час пред собраниската расправа за негово разрешување денес, поднесе неотповиклива оставка. На прес-конференцијата, Коцевски порача дека функцијата ја извршувал чесно, но дека си заминува разочаран од системот.
„Заминувам со гордо крената глава, но и со горчина поради непочитувањето на основните принципи на правната држава“, изјави тој. Коцевски го обвини Собранието за „процедурален линч“, откривајќи дека поканата за седницата ја добил во последен момент, без воопшто да му биде доставен предлогот за разрешување. Според него, овој политички маневар е опасен преседан кој директно ја урива независноста на обвинителството.
Наместо да чека политичка пресуда во собраниските клупи, републичкиот обвинител Љупчо Коцевски денеска избра достоинствено повлекување. Со поднесувањето на неотповикливата оставка, тој фрли сериозна дамка врз транспарентноста на власта, тврдејќи дека неговото разрешување е базирано на политика, а не на факти или закони.
„Немам на што да се произнесам, бидејќи предлогот за мое разрешување воопшто не ми е доставен“, истакна Коцевски, нагласувајќи го апсурдот на ситуацијата во која поканата ја добил само 60 минути пред почетокот на седницата. Неговото заминување по помалку од две години мандат отвора нови прашања за тоа колку е навистина „независно“ македонското правосудство од политичките влијанија.
Антикорупциските организации со апел да не се одлага законот за заштита на укажувачи
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата апелира до институциите без одлагање да го усвојат Законот за заштита на укажувачите, предупредувајќи дека долгото доцнење сериозно ја поткопува борбата против корупцијата.
Од Платформата изразуваат загриженост што, и покрај тоа што Предлог-законот е подготвен уште од крајот на 2023 година, тој сè уште не е ставен во собраниска процедура. Граѓанските организации биле активно вклучени во процесот – преку работната група формирана од Министерството за правда биле одржани 15 состаноци и две јавни дебати, но резултатите од тој процес досега не се материјализирале.
Во најновиот Извештај за напредокот, Европската комисија посочува дека законското решение за заштита на укажувачите сè уште не е целосно усогласено со европското законодавство и дека недостигаат ефикасни механизми за негова примена. Како ризик се наведува можноста лицата кои пријавуваат неправилности да бидат изложени на притисоци, вознемирување, па дури и отказ, што директно ја намалува довербата во системот.
Според Платформата, фактот што подготвен закон повеќе од две години чека да биде донесен испраќа лоша порака и ја ослабува институционалната заштита на укажувачите – еден од клучните механизми за откривање корупција.
Дополнително, Законот за заштитено пријавување и заштита на укажувачи е предвиден и во Програмата за работа на Владата за 2025 година, како акт по кој треба да одлучува Собранието уште во мај. И покрај тоа, законската постапка сè уште не е завршена, што, како што велат од Платформата, е неоправдано одолговлекување.
„Со усвојување на овој закон ќе се подобри статусот и безбедноста на укажувачите, кои се една од најважните алатки во борбата против корупцијата. Тоа би значело и зајакнување на уште еден механизам за владеење на правото, за што носителите на јавни функции јавно се залагаат“, порачуваат од Платформата.
Филипче денеска го соопштува новиот партиски врв на СДСМ
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска треба да го добие новото партиско раководство. Претседателот на партијата, Венко Филипче, најави дека составот на новиот врв ќе биде објавен по седницата на Централниот одбор, закажана за денеска.
Процесот следува откако на почетокот на декември целото досегашно раководство поднесе оставка на барање на Филипче, кој единствено ја задржа лидерската функција. Со тоа, како што велат од партијата, беше отворен простор за кадровско освежување и нов почеток.
Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ, Филипче синоќа потврди дека списокот со новите функционери е веќе подготвен. Според него, станува збор за внимателно избалансиран тим во кој ќе има и искусни кадри и помлади луѓе кои допрва треба да се профилираат во политиката.
Дел од имињата веќе се познати. Функцијата генерален секретар ќе продолжи да ја извршува Александар Саша Димитријевиќ, додека за еден од потпретседателите е предложен Александар Трајановски, ортопед и поранешен кандидат за градоначалник на општина Аеродром.
Филипче не крие дека составувањето на новиот тим било предизвик.
„Најтешко е да се направи вистинска комбинација – да ги задржите искусните луѓе, а истовремено да отворите простор за млади кои сакаат да учат и да се развиваат. Тоа не е проблем само во политиката, туку во секоја организација каде што е потребна смена на генерации“, рече тој.
Притоа нагласи дека долгогодишните партиски кадри нема да бидат тргнати настрана. Напротив, како што вели, вратата за нив останува отворена, со јасна улога во пренесувањето на знаењето и искуството кон помладите членови.
„Таков тим ќе се формира и ќе биде официјализиран денеска“, порача лидерот на СДСМ.
На прашањето зошто самиот не поднел оставка по изборниот пораз, Филипче одговори дека функцијата претседател ја презел неодамна и дека неговата задача е токму да го води процесот на внатрешна консолидација.
По оставките на 2 декември, од СДСМ тогаш порачаа дека станува збор за „одговорен и морален чекор“ со кој се отвора ново поглавје за партијата, со фокус на кадровско освежување, организациско зајакнување и враќање на енергијата во членството.