ПАНИКА ! Колабирал системот на ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО – Сигурни ли се податоците на граѓаните ?

Колабираше системот на најголемата здравствена институција во земјава. Од вчера и централата и подрачните служби на Фондот за здравствено осигурување не работат. Дали се работи за хакирање на системот на Фондот допрва ќе се истражува. Од Министерството за внатрешни работи не одговараат дали нивен тим е излезен на терен за да провери за што станува збор- пишуваат од Инфомакс.

“Има технички проблеми во серверската инфраструктура во централата. Се работи на отстранување на дефектот“, кусо ни одговори портпаролот на Фондот, Менче Атанасова Точи, на прашањето што се случува со изгубените податоци и сомневањата за хакирање на системот на осигурениците.

Според извори во Фондот, вчера настанал огромен проблем со податоците и со компјутерите воопшто. Имено, кога почнало да се префрлаат податоци од сервер на клауд, сите податоци ги снемало и никој не знаел што се случило. Паниката била огромна, бидејќи станува збор за лични податоци на околу два милиони осигуреници, финансиски документи и доверливи информации.

Минатата година, Државниот завод за ревизија го предупреди Фондот дека има сериозни забелешки во делот на заштитата на податоците:

“Со извршената ревизија во делот на воспоставениот информациски систем и начинот на функционирање на истиот во пропишаната организациона структура на Фондот: не се донесени ИТ стратегии за развој на информацискиот систем, заштита на податоците и функционирање на системот по евентуални катастрофи согласно стандардите за информациска безбедност. Презентираните ИТ политики и процедури за ИТ безбедност се од 2014 година и не се ажурирани подолго време; Секторот за ИТ, во последните години се соочува со перманентен одлив на вработени. Од вкупно предвидените 34, во 2020 година се пополнети 5 работни места и ангажирани 9 лица со договор на дело, а во 2021 година пополнети се 2 работни места и 3 лица со договор за дело. Состојба со кадарот не е доволна за одржување на ИТ системот на Фондот, а развојната компонента во целост ја врши ангажирана информатичка компанија, иако Фондот го поседува изворниот код за информацискиот систем. Поради недостиг на ИТ кадар, директорот на секторот во исто време е и администратор на ИТ системот во Фондот, што не е во согласност со добрите пракси за ИТ безбедност; − серверската структура во систем салата на Фондот е застарена и целосно амортизирана како резултат на непрекинато работење и не е во можност целосно да одговори на моменталните потреби на Фондот, особено што не е обезбедено одржување, ниту секундарна локација на истата – пишуваат од Инфомакс.