Чернобил, 39 години подоцна: Сеќавање на најголемата нуклеарна катастрофа во историјата
На денешен ден пред точно 39 години, светот беше потресен од најголемата нуклеарна несреќа во историјата – експлозијата на четвртиот реактор во нуклеарната електрана во Чернобил, Украина. Несреќата се случи за време на тестирање на способноста на парната турбина да напојува пумпи за вода во случај на прекин на струја и губење на течноста за ладење.
Иако градот Припјат, кој се наоѓаше во близина на електраната, беше евакуиран следниот ден, властите не го информираа населението на Киев, каде што живееја околу два милиона луѓе. Светската јавност за инцидентот дозна дури откако во Шведска беше регистрирано зголемено ниво на радијација.
Несреќата започна со ненадеен пад на моќноста на реакторот, по што операторите го рестартираа реакторот и го продолжија тестот со недозволена конфигурација на контролните прачки. Ова доведе до сериозни електрични удари и дефект на клучни компоненти, што резултираше со експлозии и губење на системот за ладење.
Следеше пожар во јадрото на реакторот што траеше до 4 мај 1986 година, додека радиоактивните честички се ширеа низ Советскиот Сојуз и пошироко низ Европа. СЗО проценува дека околу 30.000 луѓе го загубиле животот поради директни и индиректни последици од катастрофата, додека над седум милиони биле изложени на радијација.
Првата жртва беше Валериј Кодемчук, техничар задолжен за водените пумпи во електраната. Во напорите за санација учествуваа околу 680.000 луѓе – војници, инженери, доброволци и новинари. Од 14 новинари кои известуваа од теренот, осум починаа како последица на изложеност на висока радијација.
Се проценува дека во експлозијата биле ослободени 400 пати повеќе радиоактивни материи отколку при атомската бомба фрлена врз Хирошима во 1945 година. Радиоактивниот облак достигна до северна и западна Европа, па дури и источниот брег на САД.
Градот Припјат, населен претежно со вработени од електраната и нивните семејства, беше целосно евакуиран. Според експертите, ќе бидат потребни повеќе од 3.000 години за овој град повторно да биде безбеден за живеење.