Војска, кучиња – трагачи, санитетски носила, возила – Македонија испраќа помош во Турција по катастрофалниот земјотрес

 Дваесет и четири припадници на Армијата, меѓу кои и две лица водачи на службени кучиња со кучиња, 10.000 ќебиња и 200 санитетски носила се испраќат за помош во Турција по силниот земјотрес што вчера ја погоди земјата.Од Дирекцијата за заштита и спасување се испраќаат 40 лица – припадници на републичките сили за заштита и спасување, со комплетна специјализирана опрема и материјално – технички средства за пребарување и спасување од урнатини, шест возила за транспорт на опремата и луѓето и две противпожарни возила.Министерството за финансии е задолжено до Владата да достави одлука за одобрување средства од резервите на Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година, во износ од 6 милиони денари за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес.

Армијата на Северна Македонија подготви и веќе упатува обучен тим за пронаоѓање и спасување, составен од припадници на баталјонот за специјални сили и двајца водачи со службени кучиња обучени за трагање од командата за обука и доктрини.

– Ќе го вложат својот максимум и обученост за спасување на човечки животи под урнатините настанати од катастрофалниот земјотрес во нашиот сојузник Туркије, соопштија од АРМ.

Синоќа министерката за одбрана Славјанка Петровска објави дека Министерството за одбрана и Армијата испраќаат итна помош за справување со последиците од катастрофалниот земјотрес.

– На предлог на Министерството за одбрана, Владата на вонредната седница донесе одлука да бидат испратени тим за заштита и спасување од Армијата, кучиња трагачи и хуманитарна помош во пријателска Турција. 22 лица од Баталјонот за специјални сили, две лица водачи и кучиња обучени за трагање наскоро заминуваат во сојузничка Турција, за да помогнат да се спасат човечки животи, под урнатините настанати од катастрофалниот земјотрес, напиша Петровска на Фејсбук-профилот по вонредната владина седница.

Министерството за финансии е задолжено до Владата да достави одлука за одобрување средства од резервите на Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година, во износ од 6 милиони денари за помош на настраданите.

Задолженија има и до други институции меѓу кои и до Министерството за здравство, во рамките на своите надлежности, итно да подготви и до Владата да достави одлука за обезбедување помош во вид на медицински персонал, медицинска опрема и лекови.

-Сочувствуваме со нашите пријатели за ужасните последици од земјотресот и ќе преземеме сѐ што е можно во напорите за спасување животи од урнатините и поддршка на настраданото население, напиша премиерот Димитар Ковачевски на својот фејсбук-профил.

Владата вчера на вонредна седница донесе одлуката за испраќање итна помош во Турција по катастрофалниот земјотрес во којшто има голема загуба човечки животи, повредени и голема материјална штета. Според последните информации, во земјотресто животот го загубиле најмалку 4.800 лица.