Повеќе од два шлепера донации собрани на пунктот на плоштад – Набрзо ќе се испратат за Турција

Вечерва или најдоцна утре треба да тргне првиот дел од хуманитарната помош за Турција што граѓаните и фирмите ја донирале пунктот, кој група волонтери го поставија на плоштадот Македонија. Досега се собрани повеќе од два шлепери донации. Мнозинството од волонтерите, кои ја организираа помошта, се млади луѓе од Турција кои студираат во земјава, а дел од нив ги изгубиле своите семејства или немаат никаква вест за нив по катастрофалниот земјотрес.

Ова го правиме сосема доброволно, целата собрана помош ќе се испрати во Турција со помош на невладините организации коишто се поврзани со институциите и другите организации од Турција. Во моментов, наполнивме два шлепера, денеска ќе стигнат донациите и од Охрид и од другите градови и во текот на денот се очекува да се соберат уште толку донации. Очекуваме вечерва или најдоцна до утре да тргне првиот дел на помош, вели во изјава за МИА, Биљал Џандемир, еден од волонтерите.

Граѓаните донираат ќебиња, пелени, јакни, чизми и у други потребни работи за луѓето погодени од земјотресот, додека донации во пари не се примаат. За вакви донации, граѓаните се упатуваат тоа да го сторат преку официјалните институции.

Од тие што работат како волонтери, 95 проценти се студенти од Турција кои студираат тука, но има волонтери Македонци, Албанци, Босанци. Голем број од студентите што ни помагаат изгубиле семејства, роднини во земјотресот или не можат да добијат никаква вест околу нив. Тие се обидуваат со сите нивни можности да помогнат – истакна Џандемир.

Покрај овој пункт, низ Скопје се отворени и неколку други на повече локации како што се Старата чаршија, Гази Баба, Рамстор и на други места.