Хакери го „киднапираа“ системот на ФЗО и сега бараат откуп од 2.000 Биткоини!

ИТ системот на Фондот за здравство е хакиран со помош на вирусот „ransomware“, а хакерите бараат откуп за да го ослободат. Ова го откри премиерот Димитар Ковачевски на вчерашната прес конференција.

-Се работи за напад со ransomware. Тоа е дел од хибридната војна која се води моментално во Европа, покрај класичната војна што се води во Украина со нападот од Русија. На вакви напади беа изложени голем број институции во голем број држави особено членките на НАТО. Имаше сајбер напади во Албанија и Црна Гора. Моментално тимовите на Министерството за здравство и ФЗОМ и други институции работат со експерти од Германија и од други партнерски држави за да се реши проблемот со хакерскиот напад во Фондот за здравство бидејќи моментално не може да функционира трезорот и исплатата на финансиските средства по различни основи, рече премиерот.

Ransomware е малициозен софтвер кој користи шифрирање за да ги заклучи информациите на жртвата и потоа за нивно ослободување да се бара откуп. Критичните податоци на корисникот или организацијата се шифрираат за да не можат да пристапат до датотеки, бази на податоци или апликации. Потоа се бара откуп за да се обезбеди пристап. Ransomware често е дизајниран да се шири низ мрежата и да таргетира сервери за бази на податоци и датотеки, и на тој начин може брзо да ја парализира цела организација.

Откуп од 2.000 биткоини бараат хакерите за да му ги вратат сите податоци на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), дознава МКД.мк од свои неофицијални извори од оваа институција. Од Министерството за внатрешни работи велат дека таков податок немаат. Според нашите информации во оваа институција е хаос за да се средат податоците, а наводно хакерите побарале огромни суми во виртуелна валута за да ги вратат сите податоци. Од Фондот, пак, уверуваат дека анализата на експертските технички тимови утврдила дека при сајбер нападот нема одлевање на податоци надвор од базите.