НОВ СИЛЕН ЗЕМЈОТРЕС на границата меѓу Турција и Сирија!

Регионот Хатај во Турција кој беше погоден од двата разорни земјотреса пред две недели попладнево го погодија уште два силни удара со јачина од 6,4 и од 5,8 степени по Рихтер.

Турската агенција за управување со катастрофи и вонредни ситуации (АФАД) соопшти дека во 20:04 часот по локално време се случил земјотрес со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала, чиј епицентар бил во областа Дефне во Хатај. Додаваат дека во 20 часот и 7 минути се случил уште еден последователен потрес со јачина од 5,8 степени, чиј епицентар бил областа Самандаг во Хатај.

„Не влегувајте во оштетените згради во постземјотресното подрачје. Не останувајте во близина на ризични згради. Следете ги официјалните извори за точни информации“, предупредија властите.

„Беше страшно, нема да останат многу цели згради во Хатај“, е едно од сведоштвата на веб-страницата ЕМСЦ.

Во разорниот земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што ја потресе истата област на 6 февруари, загинаа 41.000 луѓе во Турција и околу 6.000 во Сирија, а повеќе од еден милион луѓе останаа без покрив над главата.