Снаи, синови, ќерки и сопруги на политичари, судии и обвинтели положија за да гонат и судат криминал !

Скоро 18 проценти од положените кандидати кои се идни судии и обвинители, се синови, ќерки, снаи и сопруги на актуелни политичари, сегашни и поранешни судии и обвинители. Ова го покажува јавнообјавената ранг листа на Академијата за судии и обвинители „Павел Шатев“. Од 58 кандидати, само еден го нема положено завршниот испит. Меѓу листата има и многу звучни имиња.

Па така, од политичкиот свет иден судија или обвинител ќе биде Барлет Џафери, син на Талат Џафери – претседател на Собранието. И Билјана Иванова, снаа на Цветанка Иванова која е собраниска генерална секретарка котира високо на листата на ранг листата и ќе извршува функција во правосудниот систем. Во оваа листа го има името и на Симона Муцунски Бубевска, сопруга на Тимчо Муцунски – градоначалник на Аеродром.

Најбројни успешни слушатели на академијата кои ќе делат правда се ќерките, синовите и сопругите на сегашни и поранешни обвинители. Највпечатливо е името на Албулена Абази, сопруга на Ислам Абази – новоизбраниот обвинител за гонење организиран криминал и корупција, кој се повлече од Управниот одбор на Академијата за да не фрла дамка врз кариерата на идната судијка или обвинителка. И Биљана Смаќоска, ќерка на Гордана Смаќоска – пензионирана обвинителка која гонеше организиран криминал, успешно го поминала испитот. Иван Колевски, син на Ацо Колески – експретседател на Совет на јавни обвинители положил и котира ависоко на листата. Малку послаб во знаење бил Драган Јосифовски, син на Елизабета Јосифовска – ексобвинителка во СЈО, сега во Обвинителството за гонење организиран криминал, но и тој е иден судија или обвинител.

И судиите ќе имаат свои наследници во правосудниот систем. Па така Кирил Георгиев син на судија Наќе Георгиев –  судија во Врховен суд, исто така успешно завршил на Академијата. По него, се впишува и Зоран Здравев, син на Киро Здравев – експретседател на Судскиот совет, кој ќе треба да гони или суди кривични дела. Последен во низата е Илир Јакупи, син на Субхи Јакупи – ексчлен на ДИК и актуелен судија во Вишиот управен суд.

Ова се само дел од имињата на слушателите за кои знае јавноста, а во изминатите години се врзуваа со судии, обвинители, политичари. Имаше и бурни реакции, но јавни обвинувања за влијание врз оценувачите, со цел, одредени кандидати да бидат положени кандидати на Академијата.

Децата и сопружниците на функционерите од власта на СДС и ДУИ го полнат правосудството. Власта ги претвори судовите и обвинителствата дом за згрижување на семејствата на функционерите, вели ВМРО-ДПМНЕ

„Талат Џафери е на чело на Законодавниот дом, и прв во законодавната власт, а неговиот син Барлет Џафери станува нов јавен обвинител, шеф ќе му биде кадарот од ДУИ Исалм Абази, чија сопруга исто така станува јавен обвинител.

Каде на друго место во Европа сопругот е шеф на Јавното обвинителство, а сопругата јавен обвинител вработена во негово време?

Нов обвинител е и ќерката на обвинителката за организиран криминал Гордана Смаќоска, Билјана Смаќоска, а нов судија Драган Јосифовски, син на обвинителката од СЈО, Елизабета Јосифовска.

Нови обвинители ќе бидат и синот на судијата Енвер Беџети, Јетмир Беџети, како и синот на судијата во Вишиот Управен суд Субхи Јакупи, Илир Јакупи.

Власта на СДС и ДУИ не само што го партизираше правосудството, туку од него направи и дувло на непотизам.

Како може граѓаните да веруваат во правосудството, кога децата и сопружниците на политичарите кои се причина за состојбата во која се наоѓа државата ќе делат правда?

Која правда може да ја очекува народот, кога правосудството има метастаза од непотизам? Потребни се коренити промени и мерит систем, каде ќе се вреднува квалитетот“, се вели во соопштението.