ГРУБИ: Со Бугари во Уставот најмногу добиваат Македонците, ни Преспанскиот, ниту договорот со Бугарија е против македонскиот народ

Со влегување на Бугарите во преамбулата на уставот добиваат Македонците затоа што така се прави разлика меѓу Македонците и Бугарите и со тоа завршуваат претензиите дека сите Македонци се Бугари, вели вицепремиерот Артан Груби во интервју за ТВ Шења и порталот zoom.mk.

Груби убедува дека ни Преспанскиот договор, ниту договорот со Бугарија е против Македонија и против македонскиот народ.

– Не знам кој ги храни наративите против уставните измени во провладините медиуми, но знам дека храбро е донесена одлуката за склучување на договорот за добрососедство со Бугарија. Ја гласавме во Владата и беше усвоен во Собрание. Јасно е дека имало резерви да не се направи некој превид и се покажа спротивното и започнавме преговори со ЕУ, вели Груби одговарајќи на прашањето за антибугарска хистерија во провладините медиуми.

Тој верува дека јавната кампања во медиумите и јавноста против внесување на Бугарите во уставот е поврзано со негативните чувства што за време на поранешна Југославија постоеја кон Бугарија.

– Овдешната јавност е многу чувствителна кон прашањето со Бугарија поради наметнатата свест од поранешна Југославија. Вие добро знаете како ја доживуваме Бугарија во осумдесеттите и деведесеттите години. Ние тогаш имавме подобар стандард од Бугарите додека сега Бугарија е членка на ЕУ и на НАТО. Сега тие не условуваат и тоа ги иритира граѓаните, оценува Груби.

Коментирајќи ги резултатите од анкетите, кои наводно покажуваат пад на поддршката на етничките Македонци за ЕУ, Груби негира дека владата го храни евроскептицизмот преку провладините медиуми затоа што знае какви ставови има владата.

– Можеби луѓето што ги водат тие медиуми имаат такви убедувања. Знам дека постои аверзија против уставните измени и договорот со Бугарија. Но, ние треба да ги решаваме проблемите, да донесеме тешки одлуки, кои ќе бидат праведни и добри за луѓето. Ако сакаме да влеземе во ЕУ треба да донесеме тешки одлуки и треба да мислиме за идните генерации, а не за следните избори, додава Груби.

Ако Македонците и Албанците се поларизираат околу уставните измени, тогаш ќе се доведе во прашања европската иднина на земјата, смета тој.