По положувањето цвеќе на споменикот на бранителите, претседателот на партијата Достоинство, Стојанче Ангелов, синоќа упати повик до државниот и политичкиот врв на државата на 26 март да им оддадат почит на бранителите од 2001 година.
– Го покануваме претседателот на државата Стево Пендаровски, како врховен командант на вооружените сили, претседателот на Собранието Талат Џафери, претседателот на Владата Димитар Ковачевски, другите клучни министри, но воедно и лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски, лидерот на Левица Димитар Апасиев и претседателите на помалите политички парламентарни и вон парламентарни партии на 26 март во 12 часот, денот кога македонските безбедносни сили извојуваа победа над УЧК, да дојдат овде и да оддадат почит на македонските бранители, рече Ангелов.
Според Ангелов, ова нивно барање до државниот и политичкиот врв не треба да предизвика, како што рече, никакво влошување на меѓуетничките односи.
Факт е дека сѐ до појавата на овој АБЕЦЕДАР, македонското дете немало буквар, учебник, па и книга од кои можело да се описменува, да научи да чита и воопшто да чита на својот мајчин, македонски народен јазик.
Во светлината на неколку јубилеи за македонистиката чувствувам и радост, но и ослободување што можам пред своите колеги од двете страни на границата, македонската и грчката, да зборувам за тоа што значи и колку значи излегувањето на една мала по страници (само 40), но голема по значење, книга-буквар во Грција.
Имено, годинава, и тоа точно во мај, се навршуваат 100-те години од излегувањето на првиот буквар на македонски народен јазик за македонското национално малцинство во тогашна Грција под наслов АБЕЦЕДАР, подготвен од специјална комисија на тогашната грчка влада (Папазахариу, Сијакцис и Лазару), под меѓународно покровителство на “Друштвото на народите“ во Женева. Овој буквар е отпечатен во Атина во мај 1925 година на лерински (леринско-битолски) народен говор со специјално приспособена латинична азбука и со нагласено фонетски правопис. А, само по дваесет години, исто така, во мај (5 мај 1945 година) се усвојува македонската азбука со што се кодифицира македонскиот јазик. Истата година, на 7 јуни излегува и првиот Правопис на македонскиот јазик. Истата година излегува и првиот БУКВАР на стандарден македонски јазик по кој учат малите Македончиња во новата учебна година во слободна Македонија.
Факт е дека сѐ до појавата на овој АБЕЦЕДАР, македонското дете немало буквар, учебник, па и книга од кои можело да се описменува, да научи да чита и воопшто да чита на својот мајчин, македонски народен јазик. Во тој контекст може да се споменат само два примера, едниот на Јордан Хаџи Константинов – Џинот, а другиот на Григор Прличев.
Важен настан од времето на учителската работа на Џинот, вели Блаже Конески, е “Таблица перваја“, потпишана со неговите иницијали, чија појава се случува некаде околу 1840 година. Тоа е еден практичен школски текст, сличен на многубројни тогашни т.н. “таблици“ што се во употреба по училиштата во Грција, Романија, Србија, Бугарија, како и кај нас во текот на повеќе децении од XIX-от век или како што потенцира Ванчо Тушевски: “Таблицата беше на мода и според неа се учеше во многу училишта на Балканот.“ (2003: 227, означеното е мое). Инаку, “таблицата“ на Џинот содржи најголем дел мисли извлечени од “Ижица“ на Д. Обрадовиќ, и тоа од Част I Ижичини дарова“ (1973: 21) (**). Појавата на “Таблица Перваја“ Конески ја смета како почеток на една нова епоха во развитокот на македонската просвета и писменост во XIX-от век.
Од друга страна, го имаме искуството на Прличев. Збирката поезијата за деца под наслов “Воспитание и дванадесет песни за деца“ (“Воспитание или 12 н’равствени песни“) што Прличев ја подготвувал за објавување уште во 1872 година, доживува неуспех. Таа никогаш не излегува од печат. Но, стои високото мислење што го има Прличев “за воспитната улога на поезијата, ставајќи ја над филозофијата и науката“ (Друговац, 1996: 19, означеното е мое), со што ја актуелизира дидактичноста на поезијата за деца во неговото време. Во овој контекст, на Прличев треба да гледаме како на еден потенцијален поет за деца, како што тоа се Јован Јовановиќ – Змај кај Србите, Иван Филиповиќ кај Хрватите или Антон Мартин Сломшек и Фран Левстик кај Словенците. И покрај тоа што Прличев во овие песни за деца не е поетски уверлив, зашто не е естетски сугестивен, тој го има мотивот. Но, вториот Хомер нема поетски здив за да го облагороди тој мотив со култивиран исказ и адекватна форма. Сепак, Прличев треба да го читаме “како прв македонски поет за деца“ (Друговац, 1996: 27, означеното е мое).
Проф.д-р Весна Мојсова Чепишевска за АБЕЦЕДАР-от на Научната трибина “Книжевниот и интеркултурниот превод како динамика на премини на границите“
Имајќи ја предвид оваа скромна претходница факт е дека излегувањето на македонски буквар насловен како АБЕЦЕДАР е историски чин за нас Македонците. Оваа година како фототипно издание може да го има секој од нас во својата библиотека благодарение на Матица македонска. Мојот поглед кон ова издание е насочен кон можноста овој АБЕЦЕДАР да се исчита и како прв буквар и како прва книга за деца на македонски народен јазик (без притоа да се прави некоја јазична анализа).
Буквите се подредени од “а“ преку првите согласки (б/b, в/v, к/k, д/d, м/m…) и самогласки (e/e, и/i, о/о, у/u…) за да може да се прочитаат и да се напишат првите зборови (двосложни) и првите реченици, едноставни од два или неколку збора, како: “баба вика / baba vika“ (2025: 8) или “бабо вика бебе / babo vika bebe“ (2025: 9), или “детето има топка / déteto ima topka“, но и “тетка вика тука детето / tetka vika tuka déteto“ (2025: 14), па сѐ до оние гласови што се предадени како дифтунзи (Ѕ = DZ, Џ = DŽ, Ќ = КЈ, Ѓ = ГЈ …) како во речениците: “Ѕидот је висок / Dzidot je visok“ (2025: 30), “вечер имаме голем џумбуш / večer imame golem džumbuš“ (2025: 31). Притоа, авторите на букварот внимавале да го означат и акцентот кај третосложните зборови што треба да е на првиот слог. И тоа е во правец на правилниот изговор и правилното читање. Како се учат буквите, така речениците стануваат и поголеми и побројни кои кон крајот прозвучуваат и како мали текстови, како на пример: Јагнето паси во ливадата. Митре јаде јаболко и си касна јазикат. / Jagneto pasi vo livadata. Mitre jade jábolko i si kasna jázikat.“ (2025: 22). Букварот ја почитува и потребата од илустрација која функционира како диптих со самата буква и со самиот збор кој почнува на таа буква или се врзува со таа буква. Впрочем, детето, така (преку визуализацијата) полесно и побрзо ги учи самите букви и побрзо почнува да чита.
На крајот се дадени сите букви (за сите гласови од македонскиот јазик т.е. од леринско-битолскиот говор) како можна основа за идната македонска азбука, па и за некоја бушава/игрива азбука како онаа на Горан Стефановски.
Букварот продолжува со едноствани објаснувања на некои основни граматички категории (како заменки, заменски придавки, прилози за место и за време, заповеди т.е. заповедниот начин и сегашното време).
Сосема на крај АБЕЦЕДАРОТ се затвора со малата и многу значајна ЧИТАНКА која е составена од осум текста. Тие може да се читаат и како први текстови наменети за децата, како мали четива или кратки раскази напишани на тој лерински говор или на македонски народен јазик. Кога се размислува за тоа кои критериуми ја определуваат литературата како соодветна за детската рецепција, антрополошкиот и психолошкиот аспект секогаш ја имаат предвид возраста. Затоа, најчесто се тврди дека литературата за деца треба да го содржи критериумот едноставност. Изборот на теми низ едноставниот јазик кој понекогаш се обидува и да не биде премногу строг и крајно дидактички сосема одговара за возраста кога се случува и описменувањето. Темите на кои почнуваат да читаат се однесуваат на верата, човекот, семејството, училиштето, црквата… Тоа значи, дека овие осум четива сосема ја имаат предвид возраста и го запазуваат критериумот едноставност.
Општо место во литературата за деца е дека испраќачот е секогаш или најчесто возрасен (родител или учител), а примачот е дете (со сето свое неискуство, наивност, неразбирање). Добро е кога текстот е загатка. Тогаш тој бара разгатнување. Во таа смисла возрасниот читател секогаш е во предност кога чита литература за деца и “покрај тоа што детето на неговата сегашност го надминува, психолошки и интелектуално, детето на неговото минато” (Владова, 2001: 17). Во однос на овој критериум четивата од првиот македонски буквар се недоволно игриви, но се сосема коректно загатливи. Пред сѐ, треба да се има предвид дека тие се наменети за отпочнување на процесот на читањето. Но, се поучни зашто се читаат како мали животни лекции, на пример, во што е силата на човекот, што е семејството т.е. фамилијата, како треба да се однесуваме во црква, како децата се чувствуваат кога ќе добијат чаша топло млеко од мајка си, зошто и кога е Ленка лошо девојче/лоша чупа… (2025: 40). Така, овие осум текстови како да се надоврзуваат на оние поуки од “Таблица перваја“ на Џинот.
Ленка лошата чупа
Петре и Гјоргиа одат нá-поле за да играт со другáрите. Мáлата сестра на Петре, Ленка, сáкат и таја да оди сóними да игра. Петре ја нéкеше. Ленка плачи, вика и се фирли нá-земнја и фати да клоцат. Фýстано му се стори бербат. Бáбата ја слуша како плáчеше от áурот, кај дáваше сено на волóите. Истирца и ја крена, ја истресе и му даде едно цирвено јóболкои. Ленка папса да плачи и си го јаде јабóлкото.
Читајќи го текстот од самиот АБЕЦЕДАР (секако напишан со латинично писмо) се потсетувам дека, токму вака зборуваа баба ми Дилба и дедо ми Ристо, од село Сетина, Леринско.
Фрагмент од букварот АБЕЦЕДАР со расказот “Ленка, лошата чупа“
А, овој последен текст “Ленка, лошата чупа/Lenka, loša čupa“ (2025: 40) како да нѐ води кон еден мал расказ во кој има и доволно драматичност и сериозна поучност (па во тој поглед некако е во дијалог со некои од оние песни за деца на Прличев). Така доаѓаме и до третиот критериум. Како најголем грев во литературата за деца се посочува токму дидактичноста поточно поучноста. Впрочем таа, самата за себе, не е воопшто лошо обележје на литературата за деца. “Прекрасно е ако литературата може да ѝ конкурира на жестоката визуелност која неконтролирано го освојува светот на детството. А, дидактичноста на литературата за деца е само обратен мимезис, во неговата смисла да се препознае светот (Владова, 2001: 17)“. Така и овие мали четива (лекции) го поучуваат, но и го забавуваат малиот читател. А, добрите четива може да го пренесат читателот од брегот на детството до брегот на возрасните.
Затоа навистина е штета што воопшто овој прв македонски буквар не дојде до рацете на македонските деца од Грција кои ние во секојдневниот говор сѐ уште си ја викаме Егејска Македонија.
(*) Текстот на проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска е всушност нејзиното обраќање на Научната трибина “Книжевниот и интеркултурниот превод како динамика на премини на границите“, во организација на Филолошкиот факултет “Блаже Конески“ при УКИМ во соработка со Катедрата за словенски, балкански и ориентални јазици од Универзитетот Македонија во Солун, што се одржа на 11 и 12 април оваа година.
(**) “Во однос на “Ижица“ – “ТАБЛИЦАТА“ на Ј.Х. Константинов ги покажува следните карактеристики. Џинот или преведува буквално, збор по збор од српски на македонски и со тоа ни дава убав македонски превод од српски јазик, или комбинира по две-три или повеќе мисли Доситееви и ги дава во еден ук, или пак ја задржува основната мисла на Доситеја Обрадовиќ и ја искажува на свој начин, со свои зборови“ (Поленаковиќ, 1973: 21).
(***) Литература со која се користела проф.д-р Весна Мојсова Чепишевска за подготовка на овој текст:
АБЕЦЕДАР. Скопје: Матица македонска, 2025.
Друговац, Миодраг. Македонска книжевност за деца и младина. Скопје: Детска радост, 1996.
Владова, Јадранка. Литература за деца. Скопје: Ѓурѓа, 2001.
Никој не може да и даде гаранции на Северна Македонија ако сега го смени Уставот, дека повеќе нема да има пречки на европскиот пат, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) во одговор на прашање на МИА дали ЕУ и земјите членки можат да гарантираат дека по спроведување на уставните измени не би имало нови блокади поради билатерални прашања поврзани со идентитетот, јазикот или историја.
– Разбираме дека ова не е лесно прашање. Промена на Устав. Сфаќаме и тоа е многу човечки и разбирливо што вашата земја сака да има гаранции по се она што го помина. Гаранции не може да има, но она што го очекувам од сите земји членки кога има билатерални прашања, е разговорите да се водат со добра волја и со визија да се дојде до компромис, рече Кос.
Таа нагласи дека ова не значи дека ЕК не работи на тоа да и помогне на земјава да ги започне преговорите по кластери, потенцирајќи дека лично е ангажирана околу билатералното прашање со Бугарија и дека денеска заминува за Софија на средби со сите бугарски политичари, а потоа ќе контактира и со политичарите во земјава.
– Најдобро би било билатералните прашања да не се мешаат во пристапниот процес. Тоа не значи дека билатералните прашања не се важни. Знаете, можам да разберам дека Унгарија се бори за своето малцинство (во Украина). Можам да разберам дека и Бугарија го прави истото, но лошо е кога ова навистина се меша со процесот на пристапување, рече Кос.
Таа изрази надеж дека наскоро ќе се најде решение за деблокада на пристапниот процес на земјава и дека откако ќе се случи тоа ќе може без никакви нови услови да започнат преговорите по кластери.
– Затоа ние порачуваме, ве молиме направете ги реформите и бидете подготвени да го отвориме првиот кластер, рече еврокомесарката за проширување.
Кос нагласи дека во сегашните услови целосно ја разбира фрустрацијата на луѓето во земјава.
– Знаете, кога се распадна Југославија, Македонија, во тоа време, беше втора најразвиена република во поранешна Југославија. За споредба, да речеме ако Украина треба да чека да ги започне преговорите колку што чека вашата земја, нив ќе можеме да ги почнеме во 2045 година, додаде Кос.
Таа потенцира дека иако има нова динамика во процесот на проширување, сепак тој останува заснован на заслуги, но она што сега позитивно влијае врз него е тоа што има нова визија на Европската Унија за забрзување на пристапувањето.
– Од друга страна, ние исто така, особено преку Планот за раст, се соочуваме се еден вид притисок од колегите, особено во Западниот Балкан. И тогаш имаме разлики. На пример, знаете Албанија беше заедно со Северна Македонија. Сега, по раздвојувањето, Албанија направи навистина добар напредок. Но, зад себе нема да оставиме ниту една земја. Ние сме силно посветени сите да ги внесеме во Европската Унија. Но, секако, ќе се држиме до заслугите и ќе видиме. Ние навистина сме силно вклучени во билатералните прашања, кои таму (на Западниот Балкан) ги има доста, потенцира Кос во интервјуто за ЕНР од која дел е и МИА.
За време на најголемиот Христијански празник (Воскресение Христово, Велигден) ќе имаме стабилно, суво и сончево време со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
И во Скопје за Велигден времето ќе биде стабилно, суво и сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
Што се однесува до температурите, тие ќе бидат рано летни, и тоа поради влијанието на топлата воздушна маса од југ. Максималните дневни температури за време на овој најголем Христијански празник ќе се искачуваат во интервалот од 20 до 29 степени. Во Скопје и околината максималната дневна температура на воздухот ќе се искачи до околу 27 степени.
Убавото време за Велигден искористете го максимално, и уживајте во празничниот сончев и топол викенд кој ни доаѓа.