Германија ја губи ПОПУЛАРНОСТА кај странските работници, овие земји сега се ПОПРИВЛЕЧНИ

Германија едури 15-та меѓу развиените земји по атрактивност за странски работници и претприемачи, покажува истражувањето, додавајќи дека подобро се рангираат земјите како Нов Зеланд или Шведска, објави Дојче веле (DW).

Според резултатите од таа студија, Германија ја губи популарноста во конкуренција за квалификувани работници и основачи на компании, а според проценката на фондацијата Бертелсман, од 2019 година паднала од 12 на 15 место меѓу 38-те земји членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Студијата ги проценила деловните можности на имигрантите, приходите и даноците, можностите за членовите на семејството или добивање виза, а според тој индекс, Нов Зеланд, Шведска, Швајцарија, Австралија и Норвешка се најатрактивни за висококвалификуваните професионалци.

Од 2019 година и последната евалуација на податоците, условите во Германија не се влошени, но има подобрување во другите земји, така што тие ја надминаа Германија во рангирањето.

За претприемачите, според овие податоци, на врвот на листата се Шведска, Швајцарија, Канада, Норвешка и Нов Зеланд. Во тој сегмент Германија падна од 6-то на 13-то место.

Како главен проблем се наведува бавната дигитализација. Германија, за разлика од другите земји, исто така, бара поседување на минимален капитал. Дополнително, во неа е помалку изразено прифаќањето на мигранти.

Во 2023 година за првпат беа испитани рамковните услови за основачите на компании (старт-ап) во рамките на индексот на ОЕЦД. Во тој сегмент најатрактивни се Канада, САД, Франција, Велика Британија и Ирска.

Германија го зазеде 12-тото место во таа категорија. Авторите на студијата како причини за ваквата проценка гледаат помалку можности за напредување во кариерата, премалку иноватори и недостаток на соодветни визи.

„На Германија и требаат квалификувани работници, вклучително и оние од странство, за да се осигура дека сегашниот просперитет ќе се одржи“, рече Ралф Хек, извршен директор на фондацијата Бертелсман, за резултатите од студијата.

Според него, меѓународната споредба јасно покажува што треба да направи Германија за да биде уште подобра миграцијата на квалификувани работници, што е толку важна за Германија.

Сепак, Германија котира многу добро во областа на високото образование. Според резултатите од студијата, по атрактивност за студенти од целиот свет, Германија е на второ место, зад САД.