22 ДЕЦА меѓу новите сомнителни на ТУБЕРКУЛОЗА

-Околу 22 деца на број што се во прифатниот центар Визбегово, уште не почнале да доаѓаат, се работи преку социјалните служби. Децата од семејството на детенцето што лежи на Детска клиника и што се веќе примени кај нас на одделот се стабилни и уште се иследуваат, вели за Слободен печат доктор Катерина Бошковска, раководителка на Одделот за туберкулоза во детската болница Козле.

На Клиниката за детски болести хоспитализирано е две ипол годишно дете кое што има потврдена туберкулоза. Во болницата било примено со друга дијагноза, но постојано за него се испраќале нови и нови примероци за испитување и позитивен резултат е добиен минатата недела. Ова дете на Детска клиника е примено на 31 јануари со конвулзии, фебрилност и во тешка општа состојба. Од почетокот се водело како менингоенцефалит. Неговата состојба е комплицирана и развило хидроцефалус. Најверојатно поради тешката општа состојба во три наврати за него добиени се негативни наоди за туберкулоза, но сепак таа не била исклучена како можен етиолошки фактор. Затоа континуирано се праќалњ нови примероци, последниот земен пред минатата недела и позитивен. Детето е интубирано и е на респиратор.

-Детето е во тешка состојба. Компликацијата е менингитис со хидроцефалус, централно зафаќање. Другите деца се проследуваат во Козле, бидејќи таму е центарот за туберкулоза кај деца. Ова дете е кај нас зашто е на механичка вентилација. Вакцината против туберкулоза се прима во породилиштето, се ревакцинира подоцна на предучилишна возраст. Во цел западен свет туберкулозата е искоренета. Кај нас има зголемување во период кога мислевме дека бројките одат надолу и кога мислевме дека нема да се јавуваат особено тешки форми, а се јавуваат, вели за „Слободен печат“ професор доктор Стојка Нацева Фуштиќ, директорка на Клиниката за детски болести.

Туберкулозата е предизвикана од бактерии од родот микобактериум туберкулозис која првенствено ги зафаќа белите дробови но може да се појави во било кој орган како кожа, мозок, зглобови, коски, дигестивен, генитален, уринарен систем итн. Според податоците на СЗО 9 милиони лица заболуваат од туберкулоза годишно а околу 1.5 милиони завршуваат фатално. Секое нелекувано лице може да зарази 10 до 15 лица во својата околина.

Не секој контакт со бактеријата предизвикува болест.