Украл 7.500 евра од неподвижно девојче и жена болна од рак, а собирал и лажни донации

Му довериле на чување неподвижно девојче и жена болна од карцином, а тој трагедијата на семејството ја искористил за да заработи пари и да ги ограби. Жител на струшко Октиси е осомничен за тешка кражба на околу 7.500 евра и измама.

Собирал и лажни донации во име на семејството, кое го замолило да ги чува мајката и ќерката. Халид Муратоски работел како болничар во Финска за да може да го издржува своето семејство во Македонија, на кое му се потребни поголеми средства за лекови. Во трагичната приказна што ја раскажа за МКД.мк неколку пати повтори дека треба да се внимава кому му се подарува довербата.

Соседот Верди Цаноски, кому претходно му помагал, на крај го оставил без денар и згора на тоа во негово име лажно собирал донации и измамувал роднини. Случајот за МКД.мк го потврдија и од СВР Охрид, од каде што е најавена и пријава за сторителот.

Работам во странство. Имам една сестра што 34 години е со тешка парализа и во количка целосно неподвижна и уште една сестра што работи во Австрија. За неподвижната сестра се грижеше мајка ми, но на мајка ми ѝ беше дијагностициран карцином на белите дробови, кој метастазирал сѐ до мозокот, и беше хоспитализирана на онкологија. Поради тоа веќе немаше кој да се грижи за едната сестра, на која ѝ треба 24-часовна нега. Мојот татко е починат пред неколку години. Некое време се грижеше таа сестра од странство, но потоа ги замоливме соседот и неговата сопруга додека да се вратам јас да се грижат за моите. Сопругата на Верди беспрекорно ги чуваше, но тој нѐ ограби и собирал лажни донации од мои роднини за мојата фамилија. Тие пари ниту ни требале, ниту стасале до нас“, вели за МКД.мк Муратоски.

Тој апелира до сите негови роднини и граѓани на кои Цаноски им барал пари во вид на донации за неговите мајка и сестра да пријават во полицијата. Дел од парите биле најдени во домот на осомничениот, но нашиот соговорник вели дека поголемиот дел се искоцкани. Вели стравува дека оние што се измамени ќе му тропнат на врата и ни крив, ни должен ќе настрада.

Муратоски му помагал на Цаноски и неговата фамилија,  ама на крај кога овој требало да му се најде, буквално му забодел нож во грб и го оставил без пари, кои сега му се потребни за лекови за мајката болна од рак, а ги нема. Вознемирен и во неверување прашува како може некој да украде пари од парализирано дете и болна мајка, која се бори со тешката болест. Вели, мајка ми е болна, ама не и склеротична, и точно знае што се случувало и што зборува и колку пари имало дома, а сега ги нема.

„Не можам да поверувам како може човек на кого сте му помогнале и во кого верувате, да ве ограби и измами. Сум работел и заработувал, а сега ги немам ниту парите што беа исплаќани за нега на сестра ми, ниту оние што сум ги праќал. Лековите за болеста на мојата мајка се скапи, а јас не можам да ги купам бидејќи соседот нѐ ограби. Како може некој да земе пари од неподвижно дете и болна жена?“, вознемирено прашува Муратоски.

Од СВР Охрид за МКД.мк велат дека на случајот се работи и дека знаат за овој настан. Велат дека деновиве против осомничениот ќе биде поднесена пријава, но детали најавија по завршувањето на целата постапка.

Како што дознаваме, осомничениот од една соба, во која стоеле 7.500 евра, а која била заклучена, си направил дупликат клуч без да забележи семејството, а потоа клучот го вратил.

Отклучил без да биде забележан, ги нашол и ги украл парите. Оштетеното семејство по настанот ги сменило сите брави на куќата, на која сега се поставени и камери.