Дали полицајците се доволно платени? – Синдикатот се жали дека добиваат по 15 илјади денари, од МВР негираат

Минималната плата на полицаец без прекувремена работа е околу 15 илјади денари.

Еден бод во МВР во моментов е 29 денари и основната плата без 45% и 30% се пресметува со множење на бодовите за 29 денари. На пример, полицаец со 530 бодови помножени со 29 денари добива 15.370 денари, многу помалку од минималната плата која во моментов изнесува 20.175 денари.

Од Независниот полициски синдикат велат дека досега поднеле околу 500 тужби и за ниски плати и за неисплата на дежурства.

Побаравме став од МВР за да потврдиме дали минималната плата на полицијата е 15 илјади денари, но одговорот што го добивме од таму е површен, велејќи дека бруто платата на полицајците е 26.422 денари.

„Ве известуваме дека минималната плата заклучно со месец февруари 2023 година во бруто износ изнесува 26.422,00 денари согласно важечкиот закон за минимална плата, и со исплата на платата за месец февруари 2023 година за вработните во МВР, износот на најниската исплатена плата на работник без минат труд, е повисок од предвидената минимална плата уредена со законот“, велат од МВР.

Сепак од Независниот синдикат на Полицијата велат дека не им е јасно врз што се основа ваквиот одговор на МВР кога фактите кажуваат поинаку.

За да го докаже ова, ТВ21 контактираше дел од полицајците кои сакаа да останат анонимни и на кои во последните неколку месеци им се одземени овластувањата на одредено време, рекоа дека без овластувања, со повеќе од 10 години стаж во полиција, добиваат плата од 16.500 денари.

https://youtu.be/-wztFamIvj8