Кучињата кои го убија осумгодишното момче се изолирани и ставени под надзор на ветеринар

Кучињата кои го нападнале осумгодишното дете во скопската населба Пинтија се изолирани и ставени под надзор на официјален ветеринар. Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека кучињата се уредно идентификувани со микрочип. Официјален ветеринар ќе го испитува случајот и ќе врши проценка на околностите под кои се случил инцидентот.

– Се работи за кучиња од поголем раст, меѓутоа напоменувам дека кучињата учествувале на изложби што значи дека се социјализирани затоа што на изложби за убавина мора кучињата да бидат добро одгледани и социјализирани со други животни и со луѓе, вели претседателот на Кинолошкиот сојуз, Јордан Христовски.

Тој додава дека Кинолошкиот сојуз нема информации дали сопственикот чувал други кучиња. 

Христовски изрази сочувство до семејството на детето и апелира до јавноста да се воздржи од паушални изјави.

– Сочувство на фамилијата на детето за немилиот настан. Апелирам до јавноста да се воздржи од паушални коментари и да остават на надлежните институции да изработат детален извештај за причините под кои се случи настанот, вели Христовски.

Од „Анима мунди“ за МИА изјавија дека ќе се произнесат доколку проценат дека има основ за тоа по официјалните ставови на институциите. 

Од Обвинителството денеска информираа дека надлежен јавен обвинител излегол на лице место и дека се преземаат мерки за испитување на целиот случај.

– Јавен обвинител изврши увид на лице место. Издадена е наредба за обдукција и се преземаат дејствија за испитување на целиот настан, информираа од Јавното обвинителството.

Согласно одредбите на Законот за заштита и благосостојба на животните, во поглед на држење на опасни кучиња, сопственикот или одговорното лице за опасно куче треба да обезбеди услови за држење на животното соодветно за расата, потребите и карактеристичното однесување, при што вклучително треба кучето да го чува во заграден простор или врзано и при движење кучето да го врзе на поводник и да му стави заштитна маска. Опасните кучиња при движење треба да бидат придружувани од полнолетно лице.

Сопствениците на кучиња треба на влезната врата во дворот на видливо место да постават табла со која недвосмислено се укажува на присуство на куче, без разлика дали кучето или кучињата се опасни или не