Во наставната програма за шесто одделение за следната учебна година која е објавена на интернет страницата на Бирото за развој на образованието недостасуваат предметите географија, историја и етика на религиите.
Поради тоа жестоки реакции од родители стигнаа на Фејсбук групата „Учебници и настава мора да има“ во која членуваат речисии 80.000 родители.
Нашите деца не треба да знаат ништо од ова! Нашите деца не треба да знаат ништо за македонското минато и нивните предци. А што понатаму и без географија? Според нив и етика на религии кој е многу убав предмет во кој децата ги изучуваат сите религии во светот и начинот на верување итн, не треба да постои. Со еден збор го бришат моралното, етичкото, историското, религиското!- стои во објавата.
Активистката Драгана Спасевска, како што објави А1он, најави дека ќе се менува цел систем по моделот на Финска, а ќе има и нова концепција за средно образование.
По моделот на Украина, Македонија може технички да ги продолжи преговорите со ЕУ
По преседанот направен со Украина, се отвора можност Северна Македонија технички да ги продолжи преговорите за членство во Европската унија, и покрај тоа што сè уште нема конечно решение со Бугарија, оценуваат аналитичари и европски извори.
Според овој модел, земјата би можела да напредува во техничките и реформските делови од преговорите, без формално затворање на политичките прашања поврзани со билатералниот спор со Софија. Таквиот пристап веќе беше применет во случајот со Украина, каде што ЕУ дозволи паралелно водење на процесите.
Идејата е Македонија да не биде целосно блокирана на европскиот пат, туку да продолжи со усогласување на законодавството, реформите во институциите и исполнувањето на европските стандарди, сè додека се бара прифатливо решение со Бугарија.
Поддржувачите на ваквиот пристап сметаат дека тоа би испратило позитивна порака и би ја одржало реформската динамика и европската перспектива на земјата, додека критичарите предупредуваат дека политичките условувања и натаму остануваат сериозен предизвик.
Сепак, ваквиот можен пресврт во пристапот на ЕУ отвора нова дебата за тоа како Унијата се справува со билатералните спорови и дали ќе покаже поголема флексибилност кон земјите кандидати во наредниот период.
„Трн“ по втор пат ги награди храбрите иницијативи што го менуваат општеството
Редакцијата на Трн по втор пат ги награди иницијативите што храбро го менуваа општеството во 2025 година
На 13 декември 2025 година, редакцијата на „Трн“ по втор пат ги додели своите симболични признанија за иницијативи, колективи и поединци кои со својата работа, ангажман и храброст придонесуваат кон поинклузивно, поправедно и посолидарно општество.
Со овие награди, редакцијата на „Трн“ уште еднаш испрати јасна порака дека општествените промени не започнуваат од големите декларации, туку од конкретни дела, локални иницијативи и луѓе кои одбиваат да молчат пред неправдата.
Како и минатата година, жирито беше составено од редакцискиот тим на „Трн“, кој секојдневно ги следи, документира и анализира процесите што го обликуваат јавниот простор, граѓанскиот отпор и солидарноста во Македонија.
Категории што го мапираат општествениот ангажман
Признанијата се доделуваат во категории кои симболично ги опфаќаат клучните општествени борби и вредности: унапредување на правата на жените и родовата еднаквост, заштита на јавното здравје, младински иницијативи, интервенции во јавен простор и заштита на правата на Ромите.
Наградата ЖЕНСКИ ТРН се доделува на борците за унапредување на женските права. Во оваа категорија беа доделени две признанија, како одраз на различни, но подеднакво значајни форми на активизам.
Наградата ЖЕНСКИ ТРН беше врачена на Сара Миленковска за нејзиниот доследен активизам во различни иницијативи за женски права и родова еднаквост, за јасниот јавен говор и за отворањето простор за теми кои често се премолчуваат, но длабоко ја засегаат реалноста на жените.
Наградата ЖЕНСКИ ТРН ја доби и Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА за акцијата „Ни требаат 365 дена активизам, а не 16 дена симболика“ и за нивната континуирана, системска борба за женските права, телесната автономија и родовата правда.
Наградата ЗДРАВ ТРН за заштита на јавното здравје претставува награда за солидарноста што не застанува на зборови, туку се претвора во конкретна грижа и поддршка.
Оваа награда беше врачена на Support Kochani, за нивните иницијативи за поддршка на повредените и семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани, вклучувајќи го и отворањето на Младинскиот центар „Гнездо“, како и бројните акции за собирање донации и медицински препарати.
МЛАДИНСКИ ТРН се додели на глас кој ја разбира политиката од перспектива на младите и ја преведува нивната реалност во јасни и аргументирани пораки.
Оваа награда ја доби Емир Хасановиќ, за неговиот инспиративен медиумски настап со постизборна анализа од младински агол, за пораките за генерацискиот јаз во Македонија и за отворањето прашања поврзани со потребите, политичката свест и улогата на младите во општеството.
Во категоријата ТРН НА ЕДНАКВОСТА за заштита на правата на Ромите, беа доделени две признанија, како признание за институционалниот и личниот активизам.
Наградата ТРН НА ЕДНАКВОСТА ја врачивме на Europe House за аудиобајките „Сјајни ѕвезди – бајки раскажани од Ромите од Европа“, достапни за слушање на ромски, македонски и албански јазик, и за нивниот придонес во промоцијата на културната разноликост и инклузијата.
ТРН НА ЕДНАКВОСТА беше доделен и на Ѓултен Мустафова (Ромалитико) за нејзиниот активизам за правата на жените Ромки и за континуираната борба за видливост, достоинство и еднаквост на Ромската заедница.
ИНТЕРВЕНТЕН ТРН е за гласовите кои во јавниот простор зборуваат храбро, директно и без компромис.
Наградата за интервенција во јавен простор беше доделена на Колективот на НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, за говорот на церемонијата по повод доделување на наградите „3-ти Ноември“ и за јавното застапување за изградба на нова театарска зграда.
Награда ви оваа категорија беше доделена и на Иницијативата „Кој е следен?“, за нивните континуирани интервенции во јавниот простор, борбата за правда и отпорот против системската корупција.
Мал трн, голема порака
Признанијата на „Трн“ не се финансиски, ниту институционални. Тие се симболичен гест на солидарност, благодарност и јавно признавање – порака дека некој гледа, слуша и препознава.
Со второто издание на овие награди, „Трн“ ја зацврстува својата позиција како медиум кој не само што известува, туку и активно учествува во градењето на јавниот простор, вредностите и критичката мисла.
Историски зафат во детската ортопедија: За првпат во Македонија оперирано дете со ретка конгенитална деформација
На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) за првпат во Македонија е изведена комплексна хируршка интервенција кај 4-годишно дете со редок конгенитален Спренгелов деформитет. Интервенцијата е реализирана во соработка со реномираниот ортопед проф. д-р Уфук Ајдинли од Република Турција.
Овој медицински зафат претставува значаен напредок во развојот на домашниот здравствен систем и зајакнување на капацитетите за третман на ретки и сложени ортопедски состојби кај деца. Процедурата е резултат на тимска работа меѓу ортопедите, анестезиолозите, интензивната нега и ургентната служба, како и на успешен пренос на знаење и примена на современи оперативни техники.
Директорот на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски, истакнува дека интервенцијата е пример за врвна мултидисциплинарна координација со јасен фокус на безбедноста и квалитетот на третманот. Според него, соработката со меѓународни експерти овозможува значителен исчекор во лекувањето на ретки конгенитални деформации, со цел ваквите процедури да станат стандарден дел од клиничката пракса во земјава.
Министерот за здравство, Азир Алиу, нагласува дека довербата во здравствениот систем се гради преку конкретни резултати, знаење и силна тимска работа. Тој посочува дека Министерството ќе продолжи со поддршка на модернизацијата на клиниките, развојот на човечките ресурси и воведувањето современи медицински методи, со што најсложените интервенции ќе можат да се изведуваат во државата.
Спренгеловиот деформитет е ретка конгенитална состојба кај која лопатката е поставена ненормално високо и е недоволно развиена поради нарушена миграција за време на ембрионалниот развој. Оваа состојба најчесто предизвикува видлива деформација и ограничена подвижност на рамото, а може да биде поврзана и со други аномалии, како синдромот Клипел-Фил, сколиоза или омовертебрална лента. Оперативниот третман најчесто се спроведува кај деца на возраст од 3 до 8 години, со цел подобрување на функцијата и естетскиот изглед.