Ненормална работа – УКРАДЕНА БИСТАТА НА СЛАВКО ЈАНЕВСКИ

Бистата на македонскиот писател и поет Славко Јаневски е украдена од постаментот на алејата на поетите на кејот на истекот на Црн Дрим, соопшти фестивалот Струшки вечери на поезијата (СВП). Вчера е утврдено дека бистата на Јаневски е откорната од постаментот, а бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин се видливо расклатени во очигледен обид да се откорнат од постаментите. Директорот на СВП  Тодорче Тасевски ја пријавил кражбата е пријавена во полициската станица во Струга, пишуваат од СДК мк.

„Најостро го осудуваме вандалскиот чин на кражба на бистата на нашиот истакнат поет Славкко Јаневски како и обидот за кражба на бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин. Настанот е пријавен во полиција од која очекуваме да ги пронајде и да ги казни сторителите на овој вандалски чин. Бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин ќе бидат превентивно и привремено дислоцирани за да се извршат потребните технички зафати за нивно поцврсто фиксирање на постаментите за да се оневозможат ваквите вандалски чинови“, вели директорот Тасевски.

Од СВП потсетуваат и дека на 1 октомври 2021, бистата на македонскиот поет Анте Поповски беше откроната од постаментот и беше фрлена во крајбрежјето. Потоа беше санирана, дополнително зацврстена и вратена на постаментот.

„Ваквите вандалски чинови ќе треба да се оневозможат во иднина со заеднички напори на Струшки вечери на поезијата, Општина Струга и МВР преку засилени мерки на обезбедување на оваа вообичаено фреквентна локација како и со организирање кампањи за подигање на јавната свест за значењето и угледот на Струга како светска престолнина на поезијата“, велат од СВП и апелираат граѓаните да помогнат да се најде бистата.