Заев: Моите деца учат во Солун, таму сите се љубезни

Придобивките од Преспанскиот договор, односите со Грција денес, како и ставот на опозицијата за името Северна Македонија, беа темите на кои се осврна експремиерот Зоран Заев во интервју за грчкиот весник „Катимерини“.

Експремиерот вели дека сега, анкетите ја покажуваат Грција како еден од петте најдобри пријатели на Северна Македонија, додека пред Преспа, таа беше еден од нашите три најголеми политички непријатели.

„Денес, многу се радувам кога гледам семејства како меѓусебно комуницираат, се посетуваат, доаѓаат на пазарење, за медицинска нега, на пример на стоматолог. Ние доаѓаме на кафе, на храна, на шопинг, особено во Солун. Како политичар многу често сум во Грција, бидејќи моите деца учат во Солун и запознавам многу луѓе. Сите се толку љубезни, а има и такви кои велат „Господине Заев, јас сум против Преспанскиот, но вие сте добар човек. Затоа, ајде да работиме заедно“, рече Заев.

Експремиерот се заблагодари на грчката влада како за помошта што и ја понуди на неговата земја за време на пандемијата, така и за поддршката за НАТО и европската перспектива.

Вели дека е очигледна разликата во односите, а луѓето ги виделе придобивките од договорот.

„Нашите земји и порано имаа некаква економска соработка. Но, сега, после Преспа, се’ е отворено. Во Северна Македонија беа направени многу инвестиции од Грција, особено во енергетиката, додека во периодот на коронавирусот, Грција ни помогна со тоа што ни обезбеди вакцини. Сега градиме заеднички енергетски пазар и се обидуваме да бидеме отпорни и подобро подготвени за идните енергетски кризи. Ние сме мал регион и ако работиме заедно, навистина ќе бидеме посилни“, рече Заев.