650 МЛАДИ ЛУЃЕ ВО ЕДЕН ДЕН ЗАМИНАЛЕ на работа во Хрватска

Работата во Хрватска по туристичките места во текот на летните месеци стана атрактивна за младите луѓе од земјава. Само во неделата 13 автобуси полни со лица на возраст од 18 до 30 години заминале на работа по хрватското крајбрежје, пишува Слободен печат.

Келнери, рецепционери, салатери, но и собарки и хигиеничари се само дел од работните места кои се пополнети со македонски граѓани. Платите се движат од 800 евра за собарки, до 2.000 за готвачи. За помошници на готвачите платите се пониски и тие се движат до 1.200 евра на месечно ниво. Од агенциите велат дека најмасовно заминување има од градовите во централниот и источниот дел од Македонија.

И дел од студентите одат да работат во Хрватска. Чекаат да заврши јунската сесија и тие со работа ќе почнат малку подоцна од 20 јуни или први јули во зависност од договорите.

За сите кандидати од Македонија, компанијата обезбедува сместување, два или три бесплатни оброци, а работодавачот ги покрива трошоците и посредува при добивање на работната дозвола.

– Компанијата во која ќе се вработите дава и надоместок на патните трошоци од работното место до сместувањето, а ја плаќа и автобуската карта од местото на живеење до градот во кој што ќе рботат младите луѓе. Исто така за сите кои сакаат да работат и се покажат на работното место следуваат бонуси покрај редовната плата- велат од агенциите.

Студентите објаснуваат дека примамливи се понудите за летна работа. Двајца од нив кои минатата година во текот на летото работеле во Америка, годинава одат за Хрватска. Објаснуваат дека условите кои ги добиле од хрватските хотели се добри, иако платите се помали.

– Близината на Хрватска беше пресудна годинава. Се работи можеби повеќе, но се добива за тоа плус надомест. Имавме пријатели кои лани работеа и велат дека се што се нуди се исполнува поради недостигот на работна сила која ја имаат во текот на летниоте месеци- вели Дејан, студент на УКИМ.

Според неофицијални податоци од источните градови на Македонија масовно се оди во Хрватска. Неофицијалните податоци велат дека од Виница заминуваат околу 80 луѓе, од Берово стотина, а од Неготино имало дури 800 апликации.

Сѐ што се бара од кандидатите е волја за работа на Јадранското крајбрежје и апликација за работа. Македонците кои одат ќе работат како рецепционери, готвачи, собарки, хигиеничари, бармени, но и слаткари и куќни помошници за лустранци кои изнајмуваат викендици во Јадранското крајбрежје.

На хрватските сајтови стои дека платиоте кои се нудат зависат од квалификациите. Така келнери и шанкери добиваат по 900 евра плус бакшиш, помошници 800 евра плус бакшиш, готвачи 1.100-2.000 евра, помошници готвачи 950 – 1150 евра, пица мајстори 1.100- 1.400 евра, а собарки 750 евра.

Хрватска очекува да сруши рекорди претстојнава туристичка сезона. Меѓутоа, истовремено се соочува и со рекорден недостиг на работна сила. За навреме да се пронајдат работници, Здружението на трговци во Дубровник и Трговската комора на Дубровничко-неретванската жупанија уште во јануари годинава започнаа иницијатива на македонскиот пазар.