Анестезиологот од Тетово што снимаше пациентки осуден на 15 месеци затвор и 7 години без лиценца

ТикTок анестезиологот кој работеше на тетовското одделение за гинекологија и во живо на социјалната мрежа емитуваше пациентки на лекување Валтон Дервиши, денеска е осуден на 15 месеци затвор.

Лекарската комора му ја одзема лиценцата за работа за период од седум години поради тоа што ја нарушил довербата меѓу пациентот и лекарот. Додека да стане правосилна пресудата, Дервиши ќе остане во домашен притвор. Тој пред судот призна вина и се извини на пациентките. Анестезиологот Дервиши се товареше за кривичните дела „несовесно работење во службата“ и „неовластено снимање“.

– Во спроведената претходна постапка беа прибрани докази кои го поткрепуваат основаното сомнение дека обвинетиот, како службено лице – анестезиолог вработен во ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, на 14 април неовластено направил снимка од пациенти и вработени и ја објавил во живо на социјална мрежа, со што постапил очигледно несовесно во вршењето на своите овластувања и должности и потешко ги повредил нивните права – посочија од ОЈО.