Укинување на друштвата за брзи кредити кои профитираат од сиромаштијата на народот, бараат од политичката партија Левица.
-Во услови на растечка сиромаштија и енормна стапка на инфлација, Владата предводена од социјал-демократи не нуди никакви суштински мерки за заштита на социјално загрозените граѓани, за што говорат мегаломанските профити на современите лихвобанкари.
Дека од кризата се погодени само најсиромашните граѓани, потврдува заработката на банкарскиот сектор, кој од година во година се зголемува, благодарение на отсуството на волја кај Владата да воведе сериозни ОГРАНИЧУВАЊА на банкарските давачки.
Покрај банките, својата шанса да ПРОФИТИРААТ од кризата ја увидоа и друштвата за издавање на брзи кредити, на кои главните приходи им се базираат на камати и административни трошоци за позајмени пари. Вкупниот приход на сите небанкарски финансиски друштва што се занимаваат со кредити (31 на број) во 2021 година изнесувал 45,8 милиони евра, а нивната вкупна нето- добивка изнесувала 10,5 милиони евра!
Министерството за финансии минатата година до Владата поднесе предлози за промена на Законот за финансиски друштва, со кои „се зголемува заштитата на граѓаните’’ при користење на ваков тип на услуга. Но, лицемерието и наводната грижа за граѓаните се гледа во тоа што Министерството за финансии единствено бара да се зголеми главнината за отворање на ваков тип друштво – додека НЕ ПРЕДЛОЖУВА КОНКРЕТНИ МЕРКИ за заштита на граѓаните, ниту пак за намалување на каматите и административните трошоци, кои се главните извори на заработка на овие друштва.
Левица, како единствена парламентарна партија која е ослободена од стегите на олигархијата, се залага за целосно укинување на ваков тип финансиски друштва (кои нудат услуги на брзи кредити поради лихварски камати и предизвикување должничко ропство на клиентите), како и воведување ДРЖАВНА комерцијална Банка за бескаматно кредитирање на населението. – велат од Левица.
Недела по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 59 млади луѓе, меѓу нив и Андреја Ѓорѓиески – Андреј од групата ДНК, неговата сопруга Наталија јавно ја сподели болката преку трогателен момент со нивната ќеркичка Јана.
На Инстаграм Стори, Наталија објави дел од разговорот со осумгодишната Јана, кој го скрши срцето на јавноста:
„Мамо, сакам да бидам дома, зашто ЈАС ти требам тебе… А и ти ми требаш мене…“
Со тага, таа додаде: „Јана за 7 дена порасна како за 7 години.“
Андреј, кој важеше за голем хуманитарец и човек со огромно срце, загина додека се обидувал да спаси други деца присутни на настапот во дискотеката, покажувајќи јунаштво до последен здив. Зад себе ја остави сопругата Наталија, со која беше во брак речиси 10 години, и нивната ќерка Јана, родена на 29 ноември 2015 година.
Во минатото, во емотивно интервју, Андреј зборуваше за својата ќерка со огромна љубов:
„Јана во мене пополни еден празен дел и веќе во огледало не го гледам Андреја, туку сè повеќе ја гледам неа.“
Објавата на Наталија предизвика лавина од поддршка, солзи и сочувство на социјалните мрежи. Јавноста не престанува да му оддава почит на Андреј, кој со својата последна постапка остана симбол на храброст и љубов кон другите.
Целосен ветинг и детална проверка на избраните и именуваните функционери, но и на овластените инспектори, цариници, полицајци и сите критични професии, подложни на влијание и корупција, бара претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова.
„Трагедијата во Кочани и неизмерната тага која нѐ обви сите нас е врвот на проблемот, кој е многу подлабок е посуштински. Навистина е тажно што мораше да се случи ваков трагичен настан, за конечно да разбереме дека тука нешто мора да се промени и тоа мора да се промени брзо. Се надевам дека конечно и свеста кај сите ќе проработи. Живееме во многу корумпирано општество, каде со пари се купува сѐ, здравјето, образованието, лиценци, пресуди итн.“, вели Зајкова.
Според Зајкова, проблемот можеме да го лоцираме уште во 1990-тите години, односно од осамостојувањето и погрешно поставените темели.
„Погрешно е креиран системот. Направен е да ги штити големците и крупниот капитал наспроти интересот на граѓаните. Сведоци сме изминатите 30 години дека моќниците купуваат речиси сѐ и корупцијата е навлезена во секоја пора на нашето општество, за што сите ние сме колективно одговорни и сите мора да се согласиме дека е крајно време да се преземе нешто. Втора шанса нема да имаме“, заклучува Зајкова.
Во нашата држава инспектори за една ќеса риби не пишуваат казни на ресторани, министри полнат гепеци на службени возила со килограми јаболка, на големо се плаќаат ручеци, вечери, викенди, летни и зимски одмори на оние кои се надлежни, додека цената ја плаќаат сите обични граѓани и тоа најчесто, на најлошиот можен начин.
„Затоа потребен ни е сеопфатен и детален ветинг на работата на сите кои вршат некаква функција, но и на овластените инспектори, цариниците, полицијата и сите останати специфични професии, кои имаат надлежности во рамки на системот на владеење. Колку што се виновни функционерите, подеднакво виновни се и оние кои со својата секојдневна работа овозможиле да стигнеме до тука и ова мора еднаш засекогаш да престане. Заслужуваме да живееме во поправедно и чесно општество, како што живеат нашите сограѓани од ЕУ, нешто што и ние како држава целиме да го постигнеме. Да не чекаме нови трагедии, да превенираме“, вели Зајкова и додава дека сега е клучен момент да се преземат одлучни чекори и конечно да започне вистинска борба против корупцијата.
Трагедијата со пожарот кој вечерта помеѓу недела и понеделник ја зафати дискотеката Пулс во Кочани, во која животот го изгубија 59 млади луѓе е последна во низата трагедии кои се случија во изминатите неколку години, покрај пожарот во модуларната болница во Тетово, трагедијата со автобусот на Дурмо Турс во Ласкарци, но и автобуската несреќа на Беса Транс во Бугарија – производи на корупцијата и ставањето на профитот пред човечкиот живот и благосостојба.
Шест дена по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, се намалува бројот на критичните пациенти кои се лекуваат во земјава и надвор од државата. Но, како што посочуваат надлежните, борбата не е завршена, таа допрва претстои, почнува ризикот од инфекции и претстои можно влошување на состојбата. Сепак, утре се очекуваат протоколи за враќање во земјата на првите пациенти од странство кои се во добра здравствена состојба што ќе се случи, најверојатно, во втората половина на неделата.
Во земјава моментно се лекуваат 54 пациенти од пожарот, на Клинички центар се 27 пациенти, во ГОБ „8 Септември“ – 11, во Градска општа болница – 10, додека на приватните клиники се лекуваат шест пациенти.
Од 116-те хоспитализирани во странство, 38 се пратени на лекување преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, кој Владата го активирала веднаш по несреќата, а останатите се пратени преку директна билатерална помош.
Mинистерот за здравство Арбен Таравари по состанокот на Кризниот штаб за состојбата на пациентите, вчера соопшти дека од пациентите кои се лекуваат надвор од државата, се очекува идната недела пет да бидат вратени во земјава. По тријажата која ќе им биде направена, потенцира, ќе се утврди дали ќе бидат задржани на некои од трите болници во Скопје или ќе бидат испратени на домашно лекување.
Таравари нагласи дека шест пациенти се во критична состојба, додека пак, останатите 109 пациенти се во релативно добра состојба. Од пациентите кои се во критична состојба, двајца се лекуваат во Љубљана и четири во Воено-медицинската академија во Белград.
Во врска со оние пациенти кои се очекува идната недела да се вратат во земјава, Таравари рече дека според информациите кои ги добиваат тие дури би можеле да се вратат со комерцијални летови.
– Од Италија се планира еден испис, од Шпанија се планираат два исписа, од Шведска еден испис и од Австрија два исписи. Ова е планот, но не е дефинитивно во понеделник ќе ве известиме точно. Подготвуваме протоколи кои што ќе бидат прифатени од Кризниот штаб и објавени транспарентно за да се види како ќе се третираат пациентите. Најпрво ќе ги примиме во болниците, потоа ќе ги пуштиме дома, рече министерот Таравари.
Според Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), утре се очекуваат протоколи за враќање во земјата на првите пациенти од странство кои се во добра здравствена состојба што ќе се случи, најверојатно, во втората половина на неделата. Тимови од Израел и Велика Британија, како што рече вчера на прес-конференција, помагаат да се направи планот за враќање, рехабилитација и натамошен третман во земјата.
Според него, борбата не е завршена, затоа што сега почнува ризикот од инфекции и допрва претстои можно влошување на состојбата. Информираше дека претходниот ден биле хоспитализирани шест нови пациенти – пет на Токсикологија и еден со комбинирани – респираторни проблеми и изгореници.
Клековски соопшти дека ФЗОМ им дал насоки на матичните лекари за отстранување на ограничувања во пропишување на лекови и боледувања за засегнатите во пожарот во Кочани и за нивните семејства, со оглед на тоа што досега не биле предвидени вакви ситуации освен за заразни болести.
За секој настрадан во пожарот во Кочани ќе биде доделена итна финансиска помош во износ од 150 илјади денари која ќе се реализира преку Црвениот крст. Одлуката на прес-конференција вчера ја соопшти директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) Ивица Томовски.
Владата го плаќа престојот на најблиски на пациентите што се лекуваат во странство, за што право имаат по две лица од семејството за секој повреден.
Томовски повтори дека лекувањето на пациентите во странство е на трошок на државата домаќин, а патот, сместувањето и други трошоци за семејствата ги покрива на нашата Влада.
-Досега, 188 лица се згрижени и сместени. Свесни сме дека оваа трагедија носи и неочекувани финансиски тешкотии. Затоа, како институција вклучена во овој процес, донесовме одлука за секој настрадан да биде исплатена сума од 150.000 денари како итна финансиска помош за покривање на почетните секојдневни трошоци. Оваа помош ќе се реализира преку Црвениот крст на Република Македонија, рече Томовски. Семејствата ќе почнат да ја добиваат помошта од донации од сметката на Црвениот крст, на која досега се собрани 51 милион денари, од понеделник.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски најави дека денеска ќе замине во Будимпешта да ги посети повредените што се во тамошните болници.
На новинарско прашање дали ќе се активираат и механизмите на НАТО за ваква ситуација, министерот одговори дека во овој момент сметаат оти е доволно што е активиран Механизмот на ЕУ за цивилна заштита.
Најголем број од хоспитализираните во странство, 31, се во болници во Србија, 15 во Бугарија, по 12 во Турција и Грација, седум во Шпанија, по шест пациенти се на лекување во Австрија и Унгарија, пет во Хрватска, по четири пациенти во Белгија, Литванија, Италија, Шведска и Словенија и двајца пациенти во Полска.
Чешка и Израел испратиле медицински тимови додека Романија, Луксембург, Норвешка и Финска, обезбедиле логистичка поддршка за транспорт на повредените.
Соопшти дека нашите ДКП-а се во 24 часовна комуникација со семејствата во земјите каде се згрижени нивните најблиски, дека им се покриени сите потребни трошоци. Посочи и дека дежурните телефони на МНРНТ и СОЗР остануваат отворени за сите прашања и потреби.
Повторувајќи дека трошоците за лекувањето во странство на 116-те пациенти повредени во пожарот во Кочани се покриени од државите домаќини, а трошоците за пат, сместување и целокупната логистика за семејствата на пациентите ги покрива македонската Влада, министерот Муцунски на прес-конференција вчера рече дека дезинформациите што излегуваат околу трошоците не ги смета за тенденциозни, со оглед дека „целото општество доживува шок по трагедијата“, и дека „природна човечка реакција е да сакаш да помогнеш и затоа дел од граѓаните прават иницијативи за да помогнат“.
Посочи дека дежурните телефонски броеви на МНРНТ и Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) остануваат достапни за сите потреби и информации.
Портпаролката на Владата Марија Митева на редовната прес-конференција за активностите на институциите по трагедијата со пожарот во Кочани вчера истакна дека приоитетот сега е двоен, да се заврши институционалната работа со целосен интегритет и да се преземат итни чекори за да се спречат идните трагедии од ваков карактер.
-Во координација со сите надлежни органи ги зајакнуваме безбедносните мерки, ги подобруваме протоколите и ги решаваме сите идентификувани неправилности. Одговорноста не завршува со зборови, туку со акција, рече таа.
Во меѓувреме вчера во Кочани во Паркот на Револуцијата граѓаните организираа едночасовен мирен собир во знак на почит кон загинатите и со поддршка за закрепнување на повредените. Со пораки испишани на транспаренти, тие порачаа дека бараат правда, a правосудните институции да го расчистат случајот до крај. Собирот заврши со мирен марш по улиците во централното градско подрачје на Кочани, а граѓаните порачаа дека ќе продолжат да се собираат и во наредните денови.
И во Штип синоќа во тишина, без говори и со пораката „Вие го запаливте пламенот спремете се за оган“ се собраа младите на Градскиот плоштад „Слобода“, изразувајќи го својот револт за несреќата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Солун е со тебе Кочани“; „Нивните профити или нашите животи“; „Едни иселивте, а тие што останаа ги убивте – Кочани 16.03.2025“; „Репертоарот е со години ист, настапува корупција, а народот е публика“; „Осамна пролетно утро сончево, а сончевите зраци денес темни црнила“, беа дел од пораките на паноата на Македонците кои точно напладне вчера се собраа на плоштадот „Аристотел“ во Солун за да им оддадат почит на жртвите во трагичниот пожар во дискотеката „Плус“ во Кочани, јави дописничката на МИА од Атина.
Македонците кои живеат и студираат во Солун, точно напладне организира собир „Солун во молк за Кочани“, одржаа 60-минутен молк, по една минута за сите 59 жртви и една минута молк за возачот на брзата помош кој почина откако превезе голем број повредни лица.
Како што информираа од Основниот суд Кочани, определена е мерка 30-дневен притвор за сите 24 лица за кои основното Јавно обвинителството во рамки на истрагата бараше изрекување на мерката.
Меѓу 24. лица за кои е одреден притвор се и тројцата градоначалници на Кочани и тоа градоначалникот во заминување Љупчо Папазов, како и поранешните Ратко Димитровски и Николчо Илијев.
Со досегашната истрага за пожарот во дискотеката „ Пулс“ вои Кочани се опфатени 27 физички и три правни лица.
Вкупниот број осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани засега е 34 физички лица, откако државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека е отворена истражна постапка против 27 физички и три правни лица, по првите истражни постапки против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани. Во првата фаза во постапувањето на МВР и Обвнителството, поднесени се две кривични пријави против 34 физички и три правни лица, за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ по член 292 во врска со „предизвикување општа опасност“ по член 288 од Кривичниот законик. Едно лице е пријавено и за „примање поткуп“ по член 357 од КЗ.
Во рамки на контролите за издадените лиценци, што стартуваа по објавата за несоодветна документација во диксотејата „Пулс“, меѓу остнатото и користење на фалсификувана лиценца, од вкупниот број над 3000 издадени лиценци во делот на градба, проектирање, надзор, изработка на детални урбанистички планови до влера се прегледани 2810 лиценци и се одземени 427, информираше влера вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Тој најави дека во вторник ќе бидат објавени финалните бројки и по име ќе бидат извадени сите носители на лиценци на кои ќе им бидат одземени, а за истото ќе бидат информирани надлежното обвинителство и МВР, за да можат тие, како што рече, да проверат од свој аспект.Се прават контроли и во делот на патниот сектор – превоз на патници, автобуси, комбиња и итн, исто така превоз на стоки и внатрешно и меѓународно во делот на камиони.
Се очекуваат нови податоци и од контролите на Државниот пазарен инспекторат, кој при завчерашните извршени 82 контроли констатирал дека 13 угостителски објекти не исполнуваат минимум технички услови.