Хари нема нозе, па сепак се искачи на Монт Еверест (ВИДЕО)

Поранешниот војник Гурка, Хари Буда Магар, стана првиот човек со ампутација над коленото кој се искачи на Монт Еверест, изјави денеска член на неговиот тим.

„Тој стигна до врвот Сагармата во петокот околу 15 часот по непалско време. После тоа се спушти во базниот камп и ќе се врати во Катманду во понеделник попладне“, изјави за AFP Хим Биста, кој го користел непалското име за Еверест.

Магар (43) ги загубил двете нозе над коленото откако ненамерно згазнал на импровизирана експлозивна направа додека служел војска во Авганистан како припадник на бригадата Гурка во 2010 година. Досега две лица со ампутирани нозе под коленото се искачиле на врвот на Еверест. Тоа се Новозеланѓанецот Марк Инглис во 2006 година и Кинезот Ксиа Боју во 2018 година.

Магар има протези на двете нозе и веќе има искачено неколку врвови, меѓу кои планинскиот врв Тубкал во Мароко, Бен Невис во Шкотска и европскиот Мон Блан.

Но, на овој поранешен каплар неколку години му било забрането да се искачува на највисоката планина во светот поради непалскиот закон кој им забранува на слепите лица и на оние со двојна ампутација да се искачуваат по планини.

Во меѓувреме, Врховниот суд на Непал го поништи законот.

https://youtu.be/BGuNrJXbAaI

„Сè додека можете да го прилагодите вашиот живот на времето и ситуацијата, сè е можно, нема граници, само небото е граница“, изјавил Магар за АФП во април пред да се упати кон базниот камп Еверест.

Осум од десетте највисоки врвови во светот се наоѓаат во Непал. Секоја пролет, кога се загрева и опасниот хималајски ветер повеќе не дува толку силно, кон нив се упатуваат стотици алпинисти од целиот свет.