Судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, продолжува денес во КПУ „Идризово“. Денешното рочиште, кое започнува во 9:30 часот, е резервирано за воведниот говор на одбраната на еден од 37-те обвинети – Шефкет Хазири, службено лице од Министерството за економија.
Судскиот процес се одвива под засилени безбедносни мерки, со присуство на обвинетите, членови на семејствата на жртвите и голем број претставници на медиумите.
Вчерашниот ден беше одбележан со воведните обраќања на одбраните на поранешните министри за економија и поранешните директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Сите тие категорично ја негираа вината, тврдејќи дека нивните институции немале ниту надлежност ниту можност да го спречат трагичниот исход. Како единствена причина за катастрофата ја посочија несоодветната и незаконска употреба на пиротехника во затворен простор.
Одбраната на Крешник Бектеши потенцираше дека не постои причинско-последична врска меѓу неговите службени обврски и пожарот, нагласувајќи дека Министерството за економија нема инспекциски ингеренции.
Одбраната на Ваљон Сараќини истакна дека издадените лиценци не дозволувале објектот да работи како дискотека, да прима прекумерен број посетители или да користи пиротехнички средства.
Поранешниот директор на ДЗС, Аднан Џафероски, го оцени обвинението како правно неосновано, а неговата адвокатка посочи дека обвинителниот акт е „попис претворен во обвинение“ без фактичка поврзаност со пожарот. „Совеста ми е чиста“, изјави Џаферовски.
Поранешниот директор Шабан Салиу тврдеше дека ДЗС никогаш не добила никаква документација или барање поврзано со работата на „Пулс“ во периодот од 2012 до 2017 година.
Претходно, својот воведен збор го имаа сопственикот на дискотеката Дејан Јованов, сопственикот на ММММ Кафе Митко Стојанов, обезбедувачот Стојанчо Димитриев и сопственикот на објектот Гроздан Милковски. Дел од нив, исто така, ја оспорија основаноста на обвинението.
Тимот од 15 обвинители од Обвинителството најави дека доказната постапка ќе покаже оти „Пулс“ бил „смртоносна стапица“ уште од своето отворање, како директна последица на систематски пропусти и институционална негрижа.
Во наредните рочишта се очекуваат и воведните обраќања на останатите обвинети: службениците од Министерството за економија – Николовски, Хаџиу, Касапи и Чекиќ Дуровиќ, како и пазарните инспектори Ампов, Евтимова, Кузмановска и Митев. Својот ред го очекува и Александар Нацев, сопственик на агенцијата „Рубикон“, чиј предмет беше споен со овој.
Во предметот за катастрофалниот пожар се обвинети вкупно 37 лица – меѓу кои сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници.