За верникот не постои ништо невозможно – живата, непоколебива вера е способна да направи чуда

 Ете, Бог е моето спасение; на Него се надевм; и не се плашам “ [Иса. 12, 2]

Тоа што ме смирува во мислите и срцето е тоа, што ми се предаваат зборовите кои секогаш ќе ги паметам и кои секогаш ќе го смируваат моето срце сред житејските грижи и забуни. А што е тоа? Тоа е христијанската изрека, полна со жива надеж во чудесните, смирувачки сили: Господ за мене е се. Тоа е непроценливо богатство! Тоа е скапоценост, со која во секоја положба може да се биде мирен, со која и во сиромаштво може да се биде богат, а ако имаме богатство великодушен и љубезен кон луѓето; скапоценост со која, дури и кога ќе погрешиме, нема да ја изгубиме надежта. Господ за Мене е се. Тој е мојата вера, мојата надеж, мојата љубов, мојата сила, мојот мир, мојата радост, моето богатство, мојата храна, моето пиење, мојата облека, мојот живот со еден збор, се мое. Како што е, човеку, за тебе Господ се, така и ти биди се за Господа. А бидејќи целото твое богатство се наоѓа во твоето срце и во твојата волја, и бидејќи Бог од тебе го бара твоето срце, велејќи: „синко, дај ми го мене срцето твое “ [Изреки 23, 26], тогаш за да ја извршиш Божјата волја, блага и совршена, откажи се од извршување на својата грешна, острастена, опрелестена волја; немој да ја познаваш својата волја, познавај ја само волјата Божја, велејќи: „не мојата, но нека биде Твојата волја“.

Сретства кои ја зајакнуваат христијанската надеж се: молитвата а особено честото и искрено молитвено исповедување на сопствените гревови, читање на словото Божјо и особено честото причестување со светите и животворни Тајни на Телото и Крвта Христови.

Господи! Твоето име е љубов: не отфрлај ме мене, заблудениот човек. Твоето име е Моќ: зајакни ме мене, немоќниот и паднатиот. Твоето име е Светлина: просветни ја душата моја, потемнета од житејските страсти. Твоето име е Мир: смири ја возмутената душа моја. Твоето име е Милост: не престанувај да ми простуваш.

Свети Јован Кронштадски