Пендаровски: Овој Судски совет прилично се избрука во јавноста

Членовите на Судскиот совет на работен колегиум разговарале за прашањата кои ги покрена холандскиот амбасадор во Скопје Дирк Јан Коп. Во соопштението на Советот е наведено дека ги отфрлаат тврдењата на амбасадорот дека тоа тело е нелегитимно како неосновани и дека Советот и на колегиумот заклучиле дека функционира законски и во согласност со надлежностите. Претседателот Стево Пендаровски смета дека има поголем проблем со Судскиот совет отколку проблемот со двајцата судии кои тој ги предложи за членови на советот.

„Овој судски совет прилично се избрука во јавноста и во таа насока е коректна изјавата од холандскиот амбасадор да повлечат еден проект кој требаше да се спроведе со Судскиот совет. Би сакал да видам и други амбасади во Скопје да ги повлечат своите проекти и парите кои ги даваат, не само за Судскиот совет туку и за некои невладини организации и медиуми кои очигледно сите овие години наназад работат со европски пари, а против Европа.“, рече Пендаровски.