Денеска се празнуваат Светите цар Константин и Елена

Православните христијани денеска го празнуваат Светиот цар Константин и неговата мајка Елена.

Царот Константин Велики и неговата мајка царицата Елена за нивните заслуги во признавањето и ширењето на христијанството Светата црква ги прогласила за светители и рамноапостолни, што значи по значење рамни на апостолите. Царот Константин спаѓа меѓу најзначајните личности во историјата на човештвото, бидејќи по подолго прогонување на христијанството тој е првиот влател на големата Римска империја што ја признал оваа вера.

Во времето кога во Рим царуваше Диоклецијан управник на западните римски области беше христољубивиот Констанциј Флор, кој во бракот со света Елена го доби синот Константин.

Последниов во историјата толку се прослави, што го доби името Велики. За христијаните, пак, тој е првиот благочестив цар. Во 313 година, тој го издаде познатиот Милански едикт, со што се прекина тривековниот прогон на христијаните во Римската империја. Со него почнува една нова, христијанска ера во Римската државна историја, а тоа Константин го одбележи со пренесувањето на престолнината од древниот многубожечки Рим, во новиот град Константинопол.