Д-р Сашко Јовев: Во оваа држава само успехот не се простува

Политиката не беше иницијална каписла, но како тргна, веројатно ќе премине од суета во политички пазар, рече денеска д-р Сашко Јовев, разрешениот директор на Клиниката за кардиохирургија, пишува СДК.мк.

Министерот за здравство Фатмир Меџити вчера го разреши реномираниот кардиохирург од раководната функција откако, како што кажа, инспекторите од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) утврдиле нерегуларности во работата на Клиниката.

Д-р Јовев денеска беше пречекан со аплауз и овации од колегите и од пациенти, кои вознемирени раскажуваа како ги примал, оперирал и негувал докторот.

-Очекував ваква поддршка, јас си го знам тимот. Ова е тим кој работи 24/7, кој нема работно време. Јас во моето 35-годишно искуство немам земено ден боледување. Минатата недела морав да земам поради притисоци. Неодамна отворивме хибридна сала на Клиниката, на која дојде премиерот. Министерот не дојде, дали сметаше дека е доцна пратена поканата, но имав притисоци зошто сме ја отвориле без него, рече кардиохирургот, додавајќи дека не е партиски кадар, и дека има целосна поддршка од заменик-министерката за здравство Маја Манолева.

Адвокатот на д-р Јовев, Мите Михајловски, кажа дека во решението за разрешување е наведено оти д-р Јовев двапати дежурал во 2022 без согласност од министерот, а тогаш беше Беким Сали на таа функција.Д-р Јовев кажа дека е нормално да се дежура и да се покриваат колеги, како што работат сите клиники.

Михајловски најави правна процедура за решението за разрешување.

-Во оваа држава само успехот не се простува, рече д-р Јовев.

Кардиохирургот Сашко Јовев лани беше меѓу добитниците на државната награда „Св. Климент Охридски“, највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес во држвата. Преходно ја доби наградата за животно дело „Гемиџиите“ на Општина Велес, а беше и дел од тмиот наградени со „13 Ноември“ на Град Скопје. Првата трансплантација на срце беше изведена на 23 мај 2020, оттогаш има изведено вкупно осум пресадувања на срце.