Доктор Јовев вели дека минатата недела ПО 35 ГОДИНИ ПРВ ПАТ ЗЕМАЛ БОЛЕДУВАЊЕ

Професорот д-р Сашо Јовев, кој е сменет од директорската позиција во Клиниката за кардиохирургија, посочува дека министерот за здравство Фатмир Меџити одлучил да го разреши од функцијата поради некаква протоколарна грешка за настан кој го организирала Клиниката. Тој кажа дека не излегол само тој жртва, туку и Клиниката за кардиохирургија. Според Јовев, Меџити се налутил оти доцна бил поканет.

– Во 35 години немав еден ден боледување земено. Минатата недела имав такви притисоци, што морав да се тргнам малку и да земам боледување кое денеска го прекинав поради ова. Имав притисоци дека сум направил грешка, дека грешката е во самиот протокол, при еден прекрасен настан во саботата, кога отворивме нова хибридна сала, единствена во регионот. Кога пуштивме во употреба апарат кој одржува во живот човек без срце и без бели дробови цели три месеци. Тогаш се случи, уредно да бидат поканети сите, министерот за здравство не дојде оти смета дека доцна му била дадена поканата, дека нешто порано ја добил премиерот. Јас тука не можев да се мешам, па се најдов во средината за на крајот да излезам жртва. Не излегов само јас жртва, излезе жртва Кардиохирургијата – рече докторот.

За поддршката пред Клиниката, Јовев рече дека сакале да дојдат околу 1.300 пациенти.

– Ова е само дел од поддршката, бидејќи не сакавме да ја правиме поголема и да прерасне во нешто друго и да се исполитизира ова. Ова е мојот тим кој чуда прави и кој работи 24/7, а не спие на чело со мене. Овде се некои од пациентите на кои им се направени големи операции и многу други се јавија – пациенти, колеги, пензионирани доктори, пензионери. Околу 1.300 сакаа да дојдат, им рековме да не доаѓаат. Конечно мора да победи правдината. Не сакаме да се работи по политика туку по професионалност. За она што го работиме 24/7 и за она што се жртвуваме – рече д-р Јовев.

Тој порача дека на Клиниката нема работно време, туку се работи секојдневно 24/7.

– Поддржан сум од СДСМ, но не сум партиски кадар. Заменик-министерката ме поддржа, а од премиерот не сум добил известување и сметаше дека не треба да се меша во нашата работа со министерот. Самата партија и нивните структури сериозно ми дадоа поддршка и застанаа на моја страна. Почитувани граѓани само успехот во нашата земја не се простува, па каква порака ние ќе им оставиме на младите кои ќе дојдат по нас. Универзитетската клиника за кардиохирургија под мое водство, заедно со овој едуциран, мотивиран, пожртвуван и мултиетнички тим, во последните осум години создаде ултрамодерна клиника која ги работи сите модерни процедури во кардиохирургијата, секаде во светот. Создадовме извонредна единица за интензивна нега, специјализација по кардиохирургија, усовршувања во регионот и по светот и како резултат на тоа излекувавме многу најтешки пациенти – рече д-р Сашко Јовев на прес-конференцијата која ја одржа пред Клиниката за кардиохирургија.

Адвокатот Мите Михајловски кој ја предводи групата од седум адвокати на доктор Сашо Јовев пред медиумите го коментираше решението за разрешување на неговиот клиент.

– Решението е навистина навреда за здравиот разум на сите нас. Во него стои дека за 2022 година има исплатни листи за дежурства, а дежурството не го одобрил министерот за здравство. Само тоа е причината поради која се разрешува д-р Јовев. Вчера слушнавме на телевизија дека станува збор за којзнае какви злоупотреби, а повторувам дека единствената причина се дежурствата. Јас како правник поставувам прашање, како може една ваква клиника да нема дежурства, нормално дека не може да функционира, а единствена злоупотреба е доколку министерот на дал согласност. Од далеку се гледа дека нема никаква повреда, туку нешто друго е во заднина за ова разрешување – рече адвокатот Михајловски.

Тој додаде дека ќе биде поднесена тужба против министерот, затоа што според тимот, нема никаков основ за разрешување на доктор Јовев.

Во меѓувреме и пациенти се појавија пред Клиниката за кардиохирургија и изразија поддршка за докторот. Тие посочија дека благодарение на интервенциите од Јовев, сега се живи и здрави. На протестот излегоа и вработени од Клиниката. Дел од нив, сметаат дека ваквото постапување е бркање од дома на разрешениот директор.